недела, јули 5, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: „Загубена младина“

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: „Загубена младина“

207

Дали е во право писателот Волтер Купер кога прикажувајќи го очајот на човекот во светот во кој живее, изјавил дека никогаш во историјата на човештвото немало толку духовно изневерени души поради културолошката загаденост во која живеат?!

Иако ќе се согласиме со констатацијата дека владеат културолошка загаденост и духовна сиромаштија, сепак, секој од нас е должен да ја пронајде смислата на животот и да работи на подобрување на околностите во својата непосредна или поширока околина. Мнозина филозофи и мислители асоцирале дека делумно и политичарите и општествените системи се виновни за повеќето аномалии, дисфункционалност и деградации присутни во современото живеење. Зошто е тоа така? Можеби, некој чесен и доблестен поединец се определил да им служи на етиката, вредноста, духовноста, на општото добро, но со доаѓањето на висока општествена функција, заборава на моралот и должноста и лесно им подлегнува на искушенијата. Тој почнува да ги реализира своите цели и сака да остане доследен и доблестен, но размислува и дека малкумина вистински ќе го вреднуваат тоа што го прави, бидејќи „многу ретко владеат вредностите“. Затоа почнува и самиот да ги искористува придобивките и да ги остварува советите што му ги упатиле некои од блиските: „Зошто и ти не ги искористиш можностите, дојдеш до некој профит и ги протежираш роднините и соработниците?“

Ова прашање го отвораме со цел да преиспитаме дали луѓето многу повеќе ќе запливаат во криминал доколку не бидат соочени со опасноста од консеквенции и со чувството дека ништо нема да им се случи ако украдат, уништат, деградираат, убијат, силуваат или вршат терор итн.

Бидејќи високата свест и моралната воздигнатост кај голем број луѓе е на незавидно ниво, таквите поединци многу повеќе ќе се ориентираат кон злото и ќе им потклекнат на искушенијата доколку не постои страв од казна и осуда на нивните негативни определби. Но, ако владеат законот, правдата, должноста и одговорноста, односно определбата на институциите да ја извршуваат својата функција, дали толку лесно и ефикасно ќе се насочат таквите личности кон криминалот? Многу потешко! Можеби некои од нив, сепак, ќе се определат, а тоа се оние што се детерминирани по својата природа и генетска структура како криминални и деградирачки личности, оние што константно развиваат дехуманизаторска идеја, алчност и себичност. Тие секогаш ќе крадат, ќе уништуваат и ќе создаваат негативни вибрации во својата околина. За жал, многу од таквите поединци биле или сѐ уште се форсирани и протежирани, дури некои од нив имаат и завидна кариера.

Проблемот е што неретко протекционизмот, некомпетентноста и просечноста ѝ се наметнуваат на јавноста и што се поставуваат на раководни места личности што се морално, духовно, па и интелектуално несоодветни за функцијата што треба да ја извршуваат. На тој начин се измамуваат и себеси и другите (тешко е да извршуваш некоја должност ако не ја познаваш или не си стручно образован за таа материја).

Сето тоа е производ на загубените морални вредности, на губењето на семејната подлога и на доминацијата на егоизмот и материјализмот. Луѓето, а особено младите, речиси и да немаат на што и на кого да се потпрат, така што повеќето од нив се губат себеси и не ја пронаоѓаат вистинската смисла на животот. Многу од нив запаѓаат во криминал, во пороци, користат наркотички средства, се оддаваат на алкохол, стануваат насилни и конфликтни, а некои, за жал, извршуваат и самоубиство. Кој е виновен за целата таа деградација и девалвација на човековото постоење? Дали е виновна општествената практика, дали се виновни семејството, генетиката, судбината или слободата на волјата?

Значи, овие прашања треба да ги отвориме пред јавноста и секој да понесе одговорност за лошите околности со кои се соочуваат личноста, семејството, општеството и човештвото во целина. За да ги најдеме решенијата за излез од злото и негативните вибрации, треба да ги преиспитаме причинителите за општиот хаос и за деградацијата на моралот и вредностите.

Дали може да го бараме виновникот и во лошото управување со слободата на волјата и во неспособноста на човекот да го избере вистинскиот пат? Можеби проблемот е во ниската свест и во слободата на волјата. Но, дали се способни повеќето млади разумно да избираат или со какви опции се соочени за да може правилно да изберат? Многу млади немаат изградено соодветно ниво на свест за да може да го изберат правилниот пат, бидејќи се водени од некои други мотивации и вибрации. Тие гледаат примери на „просечни“ личности што се наметнале во општеството, перципираат што се пропагира во глобални рамки, приклучени се на Интернет, каде што има многу корисни, но и уште повеќе деградирачки содржини, па согледуваат дека без пари, моќ и статус си никој и ништо! И постепено во нивната свесност се вметнуваат лажните вредности, кои им ја трујат личноста и ги прават подложни на лоши влијанија. Затоа повеќето млади имаат големи тешкотии да го пронајдат хармоничниот пат во животот и правилно да ја искористат слободата на волјата.

За културолошката загаденост и за проблемите со кои се соочуваат младите, вината може да се пронајде во многу сегменти. Еден сегмент е и семејството? Факт е дека некои родители недоволно ги советуваат децата, малку разговараат за проблемите, вредностите и за опасностите во животот. Повеќето од нив се преангажирани така што немаат време за себеси и за своите најмили. Многу од родителите, во трка да заработат што повеќе пари, стануваат робови на еден вид машинерија. Тоа предизвикува некои од младите да бидат запоставени, да не чувствуваат сигурност во животот и немајќи ја опцијата да се потпрат на родителите, тоа што им недостига го заменуваат со законите на улицата. Каде што владее профитот, владеат некои други „идоли“, таму има некои други околности и тие постепено ги навлекуваат младите кон неморалот, бесмислата и деградацијата. За жал, на улицата може да владеат и криминални структури од подземјето, кои ќе им продаваат дрога на младите, ќе ги подведуваат на проституција, ќе ги тераат да работат за туѓ финансиски интерес. Незаштитен, оставен на „бришан простор“ и на ударите на судбината, младиот човек станува неспособен да ги пронајде вистинските вредности, поради што нужно се губи себеси и сѐ повеќе станува објект на злото и на негативните вибрации.

А потоа многу од нас се прашуваат: „Кој е виновен за таквото однесување?“ Ќе погрешиме, ако сѐ ѝ припишеме на лошата судбина, зашто неретко добрата судбина се повикува, се гради и воспоставува. Таа не произлегува самата по себе, туку произлегува од следењето на позитивните вредности и од вложувањето во морално-духовниот развој на личноста. Без оглед што секојдневно гледаме примери на лоши, неодговорни и алчни поединци, кои се експонирале во општеството, тоа не значи дека тие се наградени од добрата судбина. Напротив, иако се реализирани и воздигнати на материјално и статусно поле, сепак, мерило за добрата судбина никогаш не се парите, моќта и славата, туку духовниот мир, алтруизмот и етичкиот придонес за семејството, заедницата и за човештвото.

Многу нешта што постојат на земјата се поврзани со теоријата на каузалитетот, односно со причинско-последичната законитост. Бидејќи ништо не е случајно, за сите пројави, околности и состојби постојат одредени причини. Значи, зошто се соочуваме со одредени последици на општествен план? Дали причината за таквата аномалија е што не сме воделе сметка за верноста на должноста, за моралот и етиката?

Дали за одредени болести на духот и за културолошката загаденост е виновно и лошото воспитување? Делумно и образованието го детерминира психофизичкиот развој на личноста, но во најголем дел виновникот треба да го побараме во нивото на нашата свест со која го правиме изборот и се определуваме за патеката по која ќе се движиме во животот.

(продолжува)

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

 

ИЗДВОЕНИ