Утрово во кафуле во Крапина во Хрватска се случило страшно злосторство кога маж убил полицаец, а потоа си пукал во главата. Според полициските информации, пукањето се случило кратко по осум часот во кафуле. Убиениот полицаец, шеф на криминалистичката полиција, во тој момент не бил на должност. По злосторството, напаѓачот се обидел да се самоубие со истото оружје. Со тешки повреди, со хеликоптер на брза помош бил префрлен во Клиничката болница Дубрава во Загреб.
Според неофицијални информации од хрватските медиуми, убиен е Роберт Грилец (52), шеф на криминалистичката полиција на Полициското одделение Крапино-Загорска. Исто така, се наведува дека и жртвата и напаѓачот живееле во Крапина и дека биле соседи.
Истрагата е во тек
Голем број полицајци и форензички експерти се на местото на злосторството, собираат докази и се обидуваат да утврдат како се случила пукотницата.
Сведоците на убиството сè уште даваат изјави на криминалистичката полиција еден по еден, со цел што е можно попрецизно да се реконструира текот на злосторството и да се соберат сите информации за тоа што се случило.
„Роби бил погоден со два куршума во градите и еден во раката. Тоа е она што го слушнавме. Мора да има некаква позадина за тој луд чин. Сите сме во целосен шок. Роби бил одличен човек и многу темелен полицаец. Одговорите треба да се бараат во нивната улица, соседите таму знаат сè“ – изјавил локален жител за „Јутарњи“.
Друг жител на Крапина вели дека никој не очекувал вакво нешто.
– Не требаше да заврши вака. Милан се лекуваше некое време и веќе бил во пензија. Како соседи, никогаш немавме никакви проблеми со него – рече тој.
На местото на настанот пристигнал и заменик-државниот обвинител, кој, заедно со форензичкиот тим, ја води истрагата.Трагедијата ги потресе граѓаните на Крапина, кои со неверица го следат развојот на настаните и полициската истрага.
Во градот пристигна и хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.












