сабота, јуни 6, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Стресни ситуации

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Стресни ситуации

483

Постојаните егзистенцијални борби и неизвесноста предизвикаа луѓето да бидат под удар на стресни ситуации и да не може да воспостават баланс (внатрешна рамнотежа). Таквите околности им создадоа немир, фрустрација, чувство на безнадежност и страв дека, можеби, ќе биде уште полошо. Кога се опстојува во стрес, страв, тензија, немир и оптовареност, тогаш доаѓа до слабеење на имунитетот и до криза на духот. Одредени проблеми произлегуваат од надворешни влијанија, но најголемите проблеми доаѓаат однатре. Доколку манифестираме песимизам, имаме страв од иднината и се чувствуваме несигурно на материјално, професионално и на емоционално поле, тогаш многу тешко може да се извлечеме од кризата и да воспоставиме внатрешна рамнотежа.

Чувството на несигурност и безнадежност создава криза на духот и подложност на негативни влијанија од надворешната средина. Тоа може да предизвика депресија, меланхолија, очај и фокусираност на неубавите состојби на животот. Сето тоа произлегува од недостигот на самодоверба, односно од ниското ниво на самопочитување. Кога не се вреднуваме и поттикнуваме самите себеси, сметајќи дека немаме сила и капацитет да се справиме со лошите околности, тогаш многу потешко ќе се извлечеме од кризата.

  1. Најстрашно е кога го навикнуваме телото на болка и проектираме дека сме жртва на судбината

Таквото убедување ќе придонесе да привлекуваме лица што дополнително ќе ги активираат стресните ситуации. Поединецот што живее во константен стрес, самиот себеси си предизвикува стрес; поединецот што постојано стравува, пронаоѓа причини за да стравува, дури и кога нема причина за такво нешто.

Во периоди на стресни околности, главната цел е да го исчистиме емоционалниот отров, да се ослободиме од менталната оптовареност, да престојуваме во природа, да слушаме некоја музика што релаксира, да читаме поучна книга, да работиме на подигнување на духот, да се прифатиме самите себе, да искажуваме благодарност за тоа што го имаме и да разбереме дека поседуваме моќ да ги менуваме нештата во животот.

Што му препорачуваме на поединецот што се соочува со сериозна криза во своето постоење?

Кога ќе одиш на спиење, не легнувај со проблемите што си ги акумулирал во текот на денот; прости си на самиот себе за сите свесно или несвесно направени грешки, а потоа прости им и на лицата што грешат од незнаење и од духовно непроникнување; немој да опстојуваш со акумулираниот гнев и барај начин за креативно дејствување, бидејќи работата ослободува од стрес и тензија. Клучот е да се дистанцираш од сè што ти буди негативна вибрација и ти го разјадува духот. Нема да постигнеш внатрешен баланс доколку ти се окупирани емоциите од искуства што те вознемируваат. Во животот постави краткорочни и долгорочни цели. Во период на криза, краткорочните цели бараат да се смириш, да се опуштиш и да преиспиташ со какви капацитети располагаш во мигот на сегашноста. Значи, не очајувај затворен во четири ѕида, не обвинувај се за сè што ти се случува и престани да акумулираш чувство на немоќ. Ослободи се од негативната матрица на размислување и не дозволувај емоцијата што те вознемирува да те отуѓи од другите и да те турне во самоизолација. Пронајди лица и ситуации преку кои ќе се воздигнеш, разговарај за убави нешта, не преувеличувај ги проблемите, бидејќи колку повеќе зборуваш за проблемите толку подлабоко ги оживуваш немирот и фрустрацијата.

Со што се окупираме, такви стануваме; за што размислуваме, тоа го повикуваме. Кога во сè го гледаме црното – црното ќе нè завладее, доколку се опседнеме со ништожните нешта надвор од нас – тие ќе се вметнат во нас.

  1. Не постои човек што не се соочил со неубави животни ситуации, темнини и падови во бездната на постоењето

Кај мнозинството од луѓето се преплетуваат падовите и подемите, искачувањето и симнувањето, ноќта (очајот) и денот (надежта), темнината и светлината итн. Основно е да се фокусираме на светлината и да го бараме доброто во нашиот живот. Треба да имаме на ум дека неубавите нешта, можеби, се случиле со цел да нè поучат и да нè поттикнат кон промена и, најмногу од сè, да ни го развијат духот. Проблемите отвораат шанса за одредени промени, а секоја промена создава нови можности.

Јапонскиот невропсихијатар Шомо Морита препорачува да не одиме против своето битие, туку да го прифатиме чувството на тага, бидејќи тагата, немирот, депресијата и меланхолијата може да нè насочат кон себеанализа и преиспитување, а секое преиспитување буди свест кон нови подобри можности во животот.

Акумулираниот гнев може да биде мошне опасен за мирот и здравјето на човекот. Неослободениот гнев предизвикува афективни реакции, конфликти, емоционален отров, самообвинување и обвинувања насочени кон другите поради состојбата во која се наоѓа личноста. Треба да разбереме дека колку и да е лошо, животните околности може да се менуваат и да се подобруваат. Кога се шансите за такво нешто многу мали, тогаш треба да се прифати судбината и да се прифатиме со сите наши мани и доблести.

  1. Главен мотив за подобрување на нештата е да веруваме дека „утре ќе биде подобро“

Сè тече, сè се менува, така што ништо не е статично, туку подложно на промени. Откако ќе пристигне импулсот на добрата судбина, тогаш ќе се разбудат и новите аспекти на животот. Затоа не треба да се паѓа со духот, туку да се верува во позитивна иднина. Работењето на личниот развој, читањето книги, смиреноста и опуштеноста се категории кои влијаат врз луѓето мотивирачки и кои не сакаат да опстојуваат во песимизам, самоизолација и отуѓување. Мирот може да го постигнеме ако не влегуваме во токсични односи, избегнуваме лица што зрачат со негативни вибрации, укажувајќи колку е тежок животот и дека ништо не може да се подобри. Кога некој ја фаворизира филозофијата на недостиг и постојано се однесува критички, тогаш нема простор за напредок и за мир во душата. Најдобро е да се оддалечиме од лицата што постојано обвинуваат и негативно дејствуваат. Упорното опстојување во токсичен однос е знак за ранливост на душата, за несигурност и за внатрешна немоќ.

Позитивна животна филозофија е ако размислуваме на следниов начин: ги пуштам нештата да се движат по својот пат; се ослободувам од сè што ме измачува; работам на самиот себе; се детоксицирам и продолжувам напред кон позитивните можности во животот.

Погрешно е размислувањето дека треба да биде ставен фокусот врз другиот човек, особено врз поединците што не воделе сметка за последиците од своето погрешно однесување. Треба да ги подучуваме и помагаме блиските, но понекогаш да оставиме лично да ги осознаат грешките од своето однесување. Будистичката филозофија потенцира дека секој сам треба да се просветли или самоспознае, бидејќи само така ќе успее да се извлече од негативните и неосвестени матрици на живеењето.

Клучот е да станеме самостојни, да се поттикнуваме самите себеси и да разбереме дека секоја неутешна желба да бидеме сакани може да создаде голема зависност од другите, да иницира немир, страв и губење на сопствената суштина. Тоа се случува кога се потценуваме и потиснуваме, опсесивно барајќи љубов и внимание од другите. Треба да знаеме дека има вистинска љубов кога нè прифаќа блискиот такви какви што сме. Од друга страна, поединците што се однесуваат кон нашата личност со непочитување, не ги заслужуваат нашите време, енергија и внимание.

Основно е да се засакаме себеси, да се поттикнеме себеси и да работиме на внатрешниот баланс и на внатрешната хармонија. Менувањето однатре отвора предуслови за промена на нештата и надвор од нас. Позитивната промена секогаш е плод на афирмативното размислување, на личниот развој и на вербата дека сè ќе биде добро.

 

 

ИЗДВОЕНИ