Конфликтот на Блискиот Исток предизвикува зголемена неизвесност, што директно влијае врз растот на цените на нафтата и на горивата, врз инфлацијата и го зголемува ризикот од глобална рецесија. Растот на цените на горивата веќе не е само економска тема туку прераснува и во сериозно политичко и социјално прашање. Сè помалку се остава пазарот сам да се регулира, а кризата веќе се прелева на трошоците на компаниите и на цените на храната.
За да се ублажи ударот врз граѓаните и стопанството, Владата донесе одлука да го намали данокот на додадена вредност од 18 на 10 отсто, со што цената на бензинот ќе остане непроменета, а на нафтата ќе се зголеми од 3 до 3,5 денари од литар наместо за повеќе од 10 денари.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека овие мерки се преземаат со цел да ублажи ценовниот шок кај горивата, кој може да биде сериозен удар врз економијата и врз џебот на граѓаните. Мерките ќе траат две недели, започнувајќи од денеска на полноќ, а ако има потреба, ќе бидат продолжени.
Во моментов, како што информираше премиерот, цената на 95-октанскиот бензин изнесува 86,5 денари за литар, на 98-октанскиот бензин 88,5 денари, додека дизелот се продава за 92 денари за литар.
Сепак, врз основа на анализите на движењата на берзите, постои очекување дека цените би можеле значително да пораснат. Според пресметките, без интервенција, бензините би поскапеле за околу 6,5 денари за литар, а дизелот за околу 10,5 денари.
Тоа би значело дека цената на бензините би достигнала околу 93,9 денари за литар, додека дизелот би се искачил на над 102 денари. Како одговор на ваквата состојба, Владата донела одлука да го намали данокот на додадена вредност за бензинот и на дизелот од 18 на 10 проценти.
Дополнително, Владата води разговори со компанијата ОКТА за зголемување на попустот што го дава кон трговците, што би можело да влијае на дополнително намалување на цените.
– Доколку се постигне договор, очекуваме цените да бидат и до 3 денари пониски од максималните утврдени од Регулаторната комисија – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие мерки граѓаните би заштедиле околу 200.000 евра дневно, односно приближно 1,5 милиони евра неделно, имајќи ја предвид просечната потрошувачка на гориво во земјава.
– Ова е одлука со која директно го штитиме стандардот на граѓаните во услови на глобална енергетска криза – додаде премиерот.
Според него, Македонија има најниски цени на горивата во регионот. Намалувањето на ДДВ, рече тој, е најбрз начин да се влијае на цените.
– Во време на криза, никој нема да прави профит на грбот на граѓаните – рече Мицкоски, најавувајќи санкции за секој што ќе се обиде.
Тој додаде дека и натаму внимателно се следат светските берзи, резервите и безбедносната состојба, особено во контекст на случувањата на Блискиот Исток, со цел навремена реакција.
– Имаме повеќе алатки на располагање: акцизи, маржи, државни интервенции. Но, суштината е дека реагираме навреме за да не дозволиме шокови како во минатото – нагласи премиерот.
Мицкоски посочи и дека дополнителен притисок врз домашниот пазар создава зголемената потрошувачка од странски државјани, која достигнува до 150.000 литри дневно, односно околу 9-10 проценти од вкупната потрошувачка.
Според него, енергетската состојба во моментов е стабилна, но Владата останува во постојана готовност да интервенира доколку се појават нови ценовни шокови.
– Нафтоводот е оперативен и во него има количини, имаме доволно гас до крајот на грејната сезона. Електроенергетскиот сектор е стабилен и има 80 илјади тони јаглен во Битола и 160 илјади тони во Кичево. И сè да престане за еден месец, имаме доволно електрична енергија. Единствен предизвик се цените на мазутот и на следната владина седница ќе интервенираме во тој дел, односно со 2.000 тони мазут од државните резерви ќе му помогнеме на АД ЕСМ со цел да не дозволиме повисоки трошоци, кои потоа ќе влијаат за повисоки цени на електричната енергија, која ќе ја плаќаат граѓаните – изјави Мицкоски.
Во однос на цените на храната, Мицкоски рече дека засега не се размислува да се преземат мерки, но ако има негативно однесување од синџирите супермаркети, ќе се преземат мерки. Засега, како што рече, има зголемување само на цените на маслото за јадење и на јајцата, кое трговците го правдале со зголемување на цените на берзите.
– Ако видиме неетичко однесување од снабдувачите и од маркетите, како Влада, ќе ги преземеме сите мерки. Имаме поскапување кај маслото и јајцата, кое е значајно и видливо. Кај другите производи, цените не отстапуваат од претходно. Ние го следиме, калкулираме и нема да дозволиме осцилации што ќе влијаат на стандардот на граѓаните – посочи премиерот.
Со последните две корекции на цената на горивата во земјава, кои ги донесе РКЕ, цената на дизелот се зголеми за 21 денар, а на бензините за 12 денари за литар.
Земјите од регионот воведуваат ограничувања, контроли и интервенции во цените на горивата
Од намалување на акцизите до ограничување на цените, ова се дел од мерките што ги преземаат земјите од регионот по растот на цената на нафтата над 100 долари за барел. Дел од балканските земји воведоа ограничувања на точењето гориво, а истовремено ги засилија инспекциските контроли на цените, со цел да го ублажат ударот врз граѓаните и стопанството и да се спречи ценовен бран врз храната, транспортот и земјоделството. Но, мерките може само да го ублажат, но не и целосно да го спречат ударот, особено ако продолжи геополитичката нестабилност.
Во Босна и Херцеговина, дизелот се движи околу 3,30 конвертибилни марки за литар, бензинот околу 2,79 марки, а плинот околу 1,49 марки. Федералното министерство за трговија потсети дека важи ограничувањето на маржите – до 0,25 марки од литар во малопродажбата и 0,06 марки во големопродажбата. Во Република Српска, Владата воведе слични мерки и засилени инспекции, оценувајќи дека растот на горивата директно ги зголемува цените на основните производи.
Во Хрватска, Владата повторно ги активираше регулацијата на максималните цени и двонеделниот модел на пресметка, со што евросуперот е ограничен на 1,50 евра за литар, а евродизелот на 1,55 евра. Сепак, и покрај ова, веќе се бележи раст на цените на храната и притисок врз пазарот, особено кај помалите снабдувачи. Ограничувањето на „синиот дизел“ предизвикува незадоволство кај земјоделците, кои велат дека не се доволни количините.
Во Словенија, Владата ги ограничи испораките на гориво – до 50 литри за физички лица и 200 литри за правни лица, поради проблеми со снабдувањето. Недостигот е најизразен на пумпите на „Петрол“, а премиерот Роберт Голоб повика на дополнителни мерки поради зголеменото точење од странски возачи.
Поради недостигот, дури е креирана и веб-страницата „Каде има гориво?“, со информации во реално време за достапноста на гориво. Владата донесе и регулатива со која се дозволени пазарни цени на автопатиштата, додека надвор од нив остануваат контролирани. Се очекува ново поскапување, со цена од околу 1,64 евра за литар дизел.
Во Србија засега нема ограничувања за купување гориво. Претседателот Александар Вучиќ изјави дека државата има доволно ресурси и најави ослободување 40.000 тони нафта од државните резерви за да се спречи драстично поскапување. Дополнително, Владата привремено ги намали акцизите за нафтените деривати за 20 %, мерка што ќе важи до средината на април.
Европските земји ослободуваат нафта од резервите и ги ограничуваат цените
Европските влади се соочуваат со зголемено незадоволство кај возачите поради скокот на цените на горивата, предизвикан од кризата во Персиски Залив. Откако се закани Иран дека ќе го блокира Ормутскиот Теснец, клучната светска маршрута за транспорт на нафта, цените на бензинот и на дизелот во некои области се зголемија за една петтина. Во Германија, просечната цена на литар безоловен бензин надмина 2 евра.
Државите, свесни за политичкиот ризик, реагираат со ослободување нафта од стратешките резерви, контроли на границите за внесување гориво во канистери, предупредувања до енергетските компании за неоправдано зголемување на цените, а во некои случаи и со директно ограничување на малопродажните цени.
Во Австрија, бензинските пумпи претходно можеа да ги зголемуваат цените еднаш дневно, напладне, но од следниот понеделник тоа ќе биде дозволено само во понеделник, среда и петок.
Некои од најголемите скокови се забележани во Германија, каде што цената на дизелот без данок се зголеми за 44 % во последните две недели, според државната Комисија за монополи. Тоа е повеќе од двојно од просекот во Европската Унија, додека цената на безоловниот бензин е на највисоко ниво од периодот по руската инвазија на Украина.
Во Франција, властите испратија инспектори за заштита на потрошувачите, за случајни контроли на бензинските пумпи, поради сомнежи за злоупотреби при формирањето на цените. Од 513 проверени станици, 5 % биле казнети, а кај 15 % биле утврдени неправилности во цените што се разликувале од оние објавени онлајн.
Разликите во цените предизвикаа тензии меѓу Германија и соседните земји, бидејќи германските возачи што живеат во близина на границите сè почесто точат гориво во Полска и во Чешка. Полските власти предупредуваат дека овој „бензински туризам“ создава редици и дополнителен притисок врз домашниот пазар.
Во исто време, холандските возачи што патуваат во Белгија и во Германија за поевтино гориво се предупредени дека носењето поголеми количини во канистери може да биде опасно. ANWB апелираше да не се транспортира гориво во багажниците, поради ризикот од несреќи.
Најрадикалната мерка ја воведе Унгарија, каде што Владата на премиерот Виктор Орбан ги ограничи цените на бензинот и на дизелот, реактивирајќи механизам од времето на пандемијата. Овие цени важат само за возилата со унгарски регистарски таблички, со цел да се спречи прекуграничното купување.
Во Обединето Кралство, исто така, расте побарувачката за гориво. Властите уверуваат дека нема недостиг, но разгледуваат итни мерки како намалување на ограничувањето на брзината, работа од дома и евентуални рестрикции за купување гориво доколку се продлабочи кризата.
Овој глобален притисок ја објаснува нервозата на терен – дури и таму каде што нема реален недостиг, стравот од утрешните цени веќе ги прави редиците на бензинските пумпи.
(А. С.)












