Биди благодарен и за доброто возврати со добро.
Во оваа колумна ќе претставам дел од етичките погледи на највисокиот духовен водач и поглавар на тибетскиот будизам, Далај Лама, кој е добитник на Нобеловата награда за мир во 1989 година. Со својата миротворна мисија, тој има направено многу повеќе за популаризација на тибетската култура од сите свои претходници заедно. Со совршено чувство за мера, спонтаност и без никаква претенциозност и догматичност, Далај Лама се концентрирал на ширењето на основните вистини за животот. Од таа причина, неговите книги и снимки од предавањата се продаваат во големи тиражи и привлекуваат почитувачи и следбеници во целиот свет.
За секој позитивен и доблестен поединец нема дилеми околу потребата за морал и за правилно извршување на својата должност. Добрината и етичкото однесување се основни човекови карактеристики. Со нив, луѓето ги изразуваат самовредноста и благородната мисија на своето постоење. Да се биде лидер на еден од најдуховно ориентираните народи, претставува голема одговорност и бара посветеност на вредностите пропишани од духовната традиција на Тибеќанците. Впрочем, корен на секоја добродетел се самосовладувањето и работењето за повисоките принципи на постоењето.
Поради познатите недоразбирања околу независноста на Тибет, Далај Лама морал да се соочи со разни искушенија и тешкотии. Но, како што пишувал големиот индиски поет Рабиндранат Тагоре: „Никогаш не треба да се жалиш на судбината, никогаш не треба да кажеш дека дошол крајот, ниту дека постои нешто што не можеш да го совладаш и да го надминеш“. Излезот од кризата ќе го пронајдеме ако имаме целосна доверба во сопствените потенцијали. Буда кажал дека страдањето и болката се неизбежни животни ситуации, а неизвесноста, немирот и несигурноста најголеми причинители на страдањето. Будизмот и другите антички индиски религии и филозофии сметаат дека страдањето е последица од дејствувањето на кармата. Сепак, клучно е да разбереме дека кармата не е железна нужност врз која не можеме да влијаеме. Напротив, кармата ја создаваме ние самите, бидејќи произлегува од тоа што го мислиме, посакуваме, кажуваме и практикуваме. Секоја акција создава нови животни ситуации и влијае врз некои идни настани. Сè што работиме е подложно на законот на причина и последица. Да се каже дека секоја неволја или несреќа е последица на кармата е еднакво на сфаќањето дека сме беспомошни во животот. Доколку сме целосно под удар на кармата, тогаш не би постоела причина за надеж. Нашите постапки се производ на нашата слободна волја. Лицата што убиваат, крадат, повредуваат или навредуваат не го прават тоа поради влијанието на кармата, туку затоа што самите одлучиле да им подлегнат на негативните искушенија и на неразумното дејствување. Одговорноста за лошите постапки не треба да ја префрламе на апсолутниот дух, кармата или на судбината, туку на сопствената духовна неосвестеност. Секогаш постои можност со иницијативен пристап, со духовна непоматеност и со позитивни напори да ги надминеме негативните околности наместо да се пасивизираме и да оставиме судбината да ни ги решава проблемите.
Излезот од кризата е производ на душевната стабилност, духовната отвореност, спокојството, смиреноста, ослободувањето од емоционалниот отров, урамнотеженоста и воздржаноста од дивите телесни страсти. Само со негување на овие вредности може да креираме хармонична перспектива, затоа што „од карактерот на човекот зависи неговата судбина“. Во таа насока одат и размислувањата на Далај Лама: „Како што сите ние сме способни за несебично и хумано дејствување, способни сме и за создавање негативни дела. За да не дојде до тоа, неопходно е да ги негуваме духовните и етички идеали и да станеме свесни за последиците од нехуманото однесување“. Животна задача на секој себеосознаен поединец е да има увид во сопствената негативност и да креира однесување што води кон позитивни постапки. Кинескиот мудрец Конфуциј сметал дека целта на луѓето е да практикуваат жен (човекољубие). Тоа подразбира дека секој човек е должен да им помага на другите, да не навредува и да се себеусовршува во правењето добрини.
Во книгата „Етика за новиот милениум“, Далај Лама дава мошне интересен пример: „Да замислиме два соседи во караница. Едниот од нив не им придава важност на меѓусебните несогласувања. Другиот постојано смислува начин како да го повреди својот сосед. И што се случува? Тој што го поддржува лошотилакот и размислува за одмазда, наскоро ќе почне да страда. Прво ќе го загуби апетитот, а потоа и сонот. Веројатно, ќе го наруши и сопственото здравје. Бедно ќе ги поминува денот и ноќта, а последицата од лошиот пристап ќе биде мошне иронична. Негативните емоции ќе го доведат во безизлезна ситуација“.
Заклучокот е дека предизвикувањето штета на другите и нарушувањето на нивниот мир и среќа е како бумеранг. Кога-тогаш, лошите дела ќе создадат личен немир, страдање и кармичка казна. Народната мудрост го објаснува тоа со зборовите „сè се враќа, сè се плаќа”.
Љубовта, сочувството, трпеливоста, толеранцијата и проштавањето се суштински квалитети на етичката дисциплина и вредности што Далај Лама ги поставува на пиедестал при пропагирањето на своето духовно учење. Во правец на елиминирањето на негативните појави во современите општества, тој се залага и за напуштање на идејата за клонирање и експериментирање со човечки фетуси, како и за вивисекција со која животните се подложуваат на ужасни страдања, а сè во име на унапредувањето на науката и научните постигнувања.
За насоката по која треба да се движи светот, Далај Лама пишува: „Моето убедување е дека 20 век беше век на војни и неизмерни страдања, а 21 век треба да биде век на мирот и дијалогот. Сепак, мирот ќе отсуствува доколку продолжат да суштествуваат духовната беда, општествената неправда, нееднаквоста, потчинетоста, алчноста, деградацијата на еколошката средина и запоставувањето на етичките идеали“.
Оригиналноста на будистичкото учење е во поттикнувањето на луѓето да ја бараат потпората во самите себе, а не во надворешните фактори. Вистинското спознание единствено може да се темели врз сопственото искуство. Будизмот, можеби, е единствената религија што не се базира на барањето и откривањето на бог, ниту на верата и побожноста. Укажувањето е дека човекот треба да научи со сопствени сили да ја креира стварноста. Само слободниот и себеосознаен поединец што се дистанцирал од авторитетот што загрозува и „заштитува“ може да ја искористи моќта на умот и објективно да ги толкува светот и својата улога во него. Според Далај Лама, нема човек без религиозна потреба и импулс на верба. Човекот може да ги обожава дрвјата, животните, идолите од камен или злато, невидливиот бог, светиот човек; може да ги обожава своите предци, својот народ, својата класа или партија, парите или успехот. Неговата вера може да се насочи кон развивањето на деструктивноста или споделувањето на љубовта, доминацијата или братската солидарност; може да ја развива силата на умот или да го парализира духот со разни стравови и површни потреби. Не е прашањето дали треба да се верува или не, туку кој е тој вид вера, дали е таква што ги потпомага емпатијата, напредокот и развојот на човечките сили или, пак, таква што ги парализира и насочува кон негативните определби на животот.
Тибетскиот будизам најмалку се обидува да ја парализира слободата и да го ограничи духот на човекот со робување на разните „проповеди“, туку поттикнува вредности што водат кон духовен мир, љубов и добродетел во односите.
Во корелација со традицијата на будизмот, верскиот и политички лидер на тибетскиот народ, Далај Лама, продолжува да ита по патот трасиран од претходниците и со својот личен пример да придонесува за воспоставувањето на универзалните етички и духовни вредности.












