Познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, во своите записи чува интересни анегдоти за тоа каков бил ритуалот кога оделе скопјани на тогашните плажи на Вардар. Токму поради тие летни чуда и чудесии, како што опишува тој, летото било рај според кој се препознавало Скопје. Се кревале чалами со пуштање низ Вардар со внатрешна автомобилска гума од Сарај до Камениот мост. А гумата се носела до Сарај со тркалање.
– Ако сакаш да бидеш главен фраер, најубава беше црвената внатрешна гума. Црвена како жар. Како да се дојде до црвени гуми? Едноставно, нив ги имаше во камионите од марката „прага“ – наведува Коцевски
Познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, во своите записи чува интересни анегдоти за тоа каков бил ритуалот кога оделе скопјани на тогашните плажи на Вардар. Токму поради тие летни чуда и чудесии, како што опишува тој, летото било рај според кој се препознавало Скопје.
– Сите воздивнуваа, се потеа и препотуваа, но летото си е лето и без него не се може. Како и денес. Едноставно, го сакаме летото. Каков само беше ритуалот да се оди на плажа во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век. Вистински летен настан што не се заборава. Многу анегдотски ситуации се прераскажуваат и денес – наведува Коцевски во своите записи.
Тој пишува дека долго се седело на плажа, затоа и морало да се носи јадење.
– Можеше и тава со ориз, штотуку извадена од маалската фурна. Можеше со другарите да здиплите и некоја туѓа тава, додека фурнаџијата со лопатата ви беше свртен со грб – раскажува Коцевски.
Освен тоа, лубеницата била задолжителна и се ладела во плитката вода покрај брегот.
А доколку се одело на плажа во Сарај, патот бил долг и имало многу бавчи по него.
– Скинатиот зеленчук можеше да заврши и во гаќичките за капење за да не ве забележат чуварите. А за да се скројат гаќичките онака како што треба, можеше да се употреби некое старо платно или фрлено старо знаме. Гаќичките се врзуваа отстрана за поедноставно да се облекуваат и соблекуваат – е едно од случувањата и анегдотите во текот на летниот период во Скопје, во записите на Коцевски.
А, се кревале и чалами со пуштање низ Вардар со внатрешна автомобилска гума од Сарај до Камениот мост. А гумата се носела до Сарај со тркалање.
– Ако сакаш да бидеш главен фраер, најубава беше црвената внатрешна гума. Црвена како жар. Како да се дојде до црвени гуми? Едноставно, нив ги имаше во камионите од марката „прага“ – наведува Коцевски.
На плажите се продавала ладна оранжада, а за да биде ладна, требало да има мраз во кофите. Мразот се земал од фабриката во четири часот наутро. Немало фрижидери, туку само сефови од лим што служеле за таа намена. А работилница за оранжади имало во Пајко Маало. Оранжадите ги произведувале чичко Живко и тетка Стојка, а се продавале на плажите и пред северната трибина на Градскиот стадион. По продажбата, шишињата морале да им бидат вратени на газдите.
– Во ладните сенки од дрвјата во паркот, во близина на Градската плажа, седеа коцкарите. Наеднаш ќе свикаа: „Дете, дај оранжада“. Наградата за продажба на ладните пијалаци беше честење плескавици во кафеаната на Градската плажа што ја држеа Трајко Пилотот и неговата сопруга, Драгица, Црногорка. Во ладните води на Вардар се слушаа викотници, се играше олди, допри ме. Околу капачите се возеа кајаци – пишува Коцевски.
На крајот, тој ја има забележано следнава анегдота: „На прашањето кога последен пат си ги миел нозете, одговорот беше: ‘Летоска во Вардар’“.
(А. П.)












