Македонија мора сериозно да размислува за развој на инфраструктура способна да ги поддржи современите дигитални технологии, особено во време кога вештачката интелигенција и големите јазични модели стануваат дел од секојдневното користење на интернетот.
Според Дејан Божиновски, член на групата „Инженери на Македонија“, во моментов кога корисник од Македонија комуницира со голем јазичен модел, податоците не се обработуваат во земјата, туку патуваат до дата центри во европски градови како Франкфурт, Амстердам или Виена, а потоа се враќаат назад. Причината е тоа што Македонија, според него, сè уште нема комерцијален дата центар со Tier III или Tier IV ниво на сигурност, способен да обезбеди инфраструктура за вакви комплексни системи.
Божиновски смета дека изградбата на вакви капацитети треба да се третира пред сè како сериозен национален инженерски проект, независно од дневнополитичките интереси. Тој посочува дека реализацијата би барала истовремено решавање на повеќе критични сегменти, меѓу кои енергетското снабдување, оптичката инфраструктура, системите за ладење, како и градежната и физичката заштита на објектите.
Во однос на државниот дата центар што веќе се планира, Божиновски во коментар на Фејсбук посочува дека, според информациите со кои располага, во првата фаза е предвидена континуирана моќност од околу пет мегавати. Во пошироката поставеност, како една од опциите се разгледува главен капацитет во Скопје и резервен во Прилеп, при што би се водело сметка двата објекти да бидат поставени на различни тектонски структури, со цел да се намали ризикот од истовремено нарушување на нивното функционирање.
Таков проект, додава тој, не може да биде работа на еден сектор или една компанија, туку бара ангажман на мултидисциплинарни тимови и експерти од различни области. За изградба на објект со вакви безбедносни и технички стандарди, потенцијалните изведувачи би можеле да се избираат преку меѓународни тендери или преку стратешки партнерства, вклучително и модели на финансирање поврзани со европски грантови и реформските процеси со Европската Унија.
Во тој процес, според Божиновски, би требало да бидат вклучени конзорциуми составени од големи градежни компании и сертифицирани меѓународни ИТ интегратори, со соодветни акредитации и искуство во изградба на инфраструктура што ги исполнува условите за Tier III сигурност.
Паралелно со државниот капацитет, смета тој, потребно е да се создадат услови и за развој на комерцијални дата центри. Еден од најголемите предуслови е обезбедување директен пристап до преносната електроенергетска мрежа. За инвеститорите би требало да се воспостават поефикасни процедури преку кои ќе можат да изградат сопствени трафостаници, вклучително и решенија од 400/110 kV, и директно да се поврзат со преносниот систем, наместо дополнително да ја оптоваруваат дистрибутивната мрежа.
Како дополнителна мерка се предлага создавање посебни урбанистички зони наменети за ИКТ инфраструктура. Државните парцели, особено во рамки на технолошко-индустриските развојни зони, би можеле однапред да бидат подготвени со расчистени имотно-правни односи и обезбедена основна инфраструктура. За објектите со највисока категорија би можеле да се предвидат и забрзани административни процедури за добивање градежни дозволи.
Енергетската ефикасност, исто така, би била важен дел од привлекувањето инвестиции. Божиновски предлага стимулирање на компании кои ќе користат технологии за ладење со затворен циклус, со што би се намалила или избегнала потрошувачката на вода, како и инвеститори кои би изградиле сопствени фотоволтаични капацитети за делумно обезбедување на потребната електрична енергија.
Дополнително, за развојот на индустријата би било потребно воспоставување правна рамка што ќе овозможи долгорочни договори за набавка на електрична енергија на слободниот пазар. Таканаречените Power Purchase Agreements, односно PPA-договори, би можеле да им овозможат на операторите на дата центри поголема предвидливост на трошоците за електрична енергија во период од 10 до 15 години.
Божиновски притоа повикува на поголема доверба во домашните експерти кои веќе се ангажирани во подготовката и реализацијата на ваквата инфраструктура, оценувајќи дека станува збор за проект кој бара долгорочен пристап, техничка експертиза и координација меѓу повеќе институции и професионални тимови.












