Управниот одбор на аеродромот во Нешвил во петокот едногласно изгласа покренување на процесот за преименување на градскиот аеродром во чест на покојната легенда на кантри музиката Доли Партон.
Управата на аеродромот на метрополитската област Нешвил со шест гласа „за“ и ниту еден „против“ изгласа покренување на процесот за преименување на аеродромот, пренесува НБЦ (NBC).
Официјално е! – објави Меѓународниот аеродром во Нешвил на социјалните мрежи по гласањето на управата, кое одборот го опиша како „прв чекор во повеќенаменски процес“.
Партон, која беше почитувана од љубителите на кантри музиката ширум светот, почина минатиот месец на 80-годишна возраст по кратка борба со ракот.
Иако конечното име сè уште не е одредено, блиску соработуваме со надлежните страни за внимателно да одлучиме на кој начин името и наследството на Доли Партон ќе бидат вклучени – соопшти управата на аеродромот.
Управата на аеродромот наведе дека очекува во наредните месеци да има поконкретни планови кои ќе може да ѝ ги претстави на јавноста.
Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, ѝ се заблагодари на управата на аеродромот за оваа одлука и го нарече гласањето „важен чекор кон оддавање чест на нејзиното исклучително наследство“.
Доли секогаш помагаше светот да се заљуби во Тенеси – рече тој.
Според податоците на локалните медиуми, меѓународниот аеродром во Нешвил годишно опслужува околу 26 милиони патници, а според точноста на летовите и квалитетот на услугите спаѓа меѓу првите десет во САД.











