Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија на ниво „ББ+“ со стабилен изглед, оценувајќи дека македонската економија покажува отпорност и има позитивни перспективи за раст. Во најновиот извештај се нотираат силната инвестициска активност, зголемените јавни инвестиции и реформскиот процес поврзан со пристапувањето кон Европската Унија.
Според „Фич“, реалниот економски раст забрзал на 4,3 % во вториот квартал од 2026 година, пред сè како резултат на силните резултати во градежништвото и преработувачката индустрија. Агенцијата позитивно ја оценува и динамиката на јавните инвестиции – капиталните расходи во периодот јануари-јули годинава се зголемени за 40 % на годишно ниво, достигнувајќи 46 % од ревидираната цел за целата година.
Овие резултати, според оценката на „Фич“, се поврзани со реализацијата на крупни инфраструктурни проекти, меѓу кои и коридорите 8 и 10д. Агенцијата очекува економската активност и во следниот период да биде поддржана од јавните инвестиции и приватната потрошувачка, додека дополнителен потенцијал за повисок среднорочен раст гледа во продолжувањето на инфраструктурните проекти и спроведувањето на реформите поврзани со инструментите на ЕУ.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оценува дека потврдата на рејтингот е признание за досегашните економски политики на Владата.
– Ова за мене беше силна потврда за конзистентноста на политиките што ги спроведуваме и силен сигнал да продолжиме по истиот пат – порача Димитриеска-Кочоска.
Таа посочува дека стабилноста на јавните финансии и поттикнувањето на економскиот раст се темелот на економската политика, а резултатите, како што вели, најдобро се гледаат преку економските показатели.
– Дали има ефекти покажуваат податоците. Многупати сум напоменала дека бројките се тие што ја отсликуваат фактичката состојба и сега во моментов, но и кога на нив би се навратиле во иднина тие ќе ја отсликаат реалноста – истакнува министерката.
Димитриеска-Кочоска потсетува дека економскиот раст во првиот квартал од 2024 година изнесувал 1,6 %, додека по преземените мерки, според неа, следувал континуитет на стапки на раст околу и над три проценти, со достигнати 4,3 % во вториот квартал.
– Не зборуваме само за еден исклучително добар квартал, туку за континуитет на позитивните економски движења – наведува министерката.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, потврдата на кредитниот рејтинг ја оцени како одговор на критиките од опозицијата и тврдењата дека државата се соочува со финансиски проблеми.
– Три години водат кампања дека само што не сме банкротирале, буџетот бил без пари, економијата назадувала. Одговорите стигаат од сите страни – од Светска банка, од ММФ, а еве сега и од реномирани кредитни агенции, како што е „Фич“ – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата останува фокусирана на зголемување на економската активност и подобрување на стандардот на граѓаните.
– Не е сè совршено, има работи што треба да се корегираат, но сите ќе се сложите дека денеска е многу подобро од пред 3 години – истакна премиерот.
Во извештајот „Фич“ ја нотира и потребата од постепена фискална консолидација, со очекување дефицитот да се намалува на среден рок. Агенцијата ги препознава и реформите за подобрување на наплатата на приходите, вклучително и воведувањето на е-фактурирањето. Позитивно се оценува и структурата на јавниот долг, со релативно високо учество на мултилатерални и билатерални кредитори. „Фич“ очекува бруто-долгот на општата влада да се стабилизира на просечно ниво од 52,7 % од БДП во периодот 2026-2028 година.
Потврдата на рејтингот „BB+“ со стабилен изглед испраќа позитивен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите за стабилноста и перспективите на македонската економија. Владата најавува продолжување на политиките насочени кон одржлив раст, поголема реализација на капиталните инвестиции, структурни реформи и постепена фискална консолидација.
(С.Бл.)











