Живееме во свет исполнет со неправди, егзистенцијални борби, кризи и тешкотии. Разни ограничувања и искушенија го демнат современиот човек и го насочуваат кон лажните вредности на постоењето. Моралот и етиката сѐ поретко ги има, а сочувството и сомилоста станаа обележје на наивност и простодушност. На сцена се егоизмот, алчноста, ниските страсти и површниот пристап кон животот. Современиот начин на живеење создаде општо чувство на несигурност и изопачување на семејните и на духовните вредности. Високата свесност и будноста станаа неопходност ако сакаме да се заштитиме од лицата што манифестираат себично, алчно, манипулативно и негативно однесување. Без вложување во себе и мудро промислување, многу тешко може да воспоставиме хармоничен, стабилен и исполнет живот. Егзистенцијалните закани и деградирачките влијанија се присутни на секој чекор и лесно може да ни создадат проблеми и тешкотии. За да постигнеме внатрешен мир, неопходно е да имаме концентриран ум, самосвест и духовна будност.
Сите ние копнееме по сигурност и стабилност. Сакаме да знаеме како ќе се одвиваат работите, но животот, едноставно, не функционира така. Современиот начин на живот станува сѐ понеизвесен, потежок и понапнат, предизвикувајќи луѓето да ја загубат врската со својата вистинска суштина. Решение мора да се бара ако не сакаме болеста на духот целосно да го зафати нашето битие.
Начинот на размислување и постапување во голема мера влијае на нашето чувство на исполнетост, среќа и хармонија.
Стресот и анксиозноста станаа секојдневна судбина на западниот човек, кој сѐ повеќе се соочува со разни притисоци, страдања, болки и тешкотии. Подлабоката основа на постоењето произлегува од вложувањето во знаењето, од практикувањето на духовните вредности и од односот што го градиме кон себеси и кон другите.
Секој човек поминува низ најдолгото патување во животот – патувањето до себеси, кое го тера да си го постави прашањето: зошто постојам? Платон учел: На крајот од секој ден, прашајте се на кој начин сте допреле до суштината на својата личност. Иако го правите ова доследно, ќе научите да се освојувате себеси бидејќи во секој креативен чин и со секое духовно сознание, човекот се освојува себеси, станува самосвесен и открива како да им се спротивстави на внатрешните борби и на надворешните притисоци.
Сепак, како што самото знаење не е доволно да нѐ усреќи, така и материјалните добра, моќта или славата, не се гаранција за надминување на очајот и фрустрацијата. Мора да има некој друг фактор во нашиот ум кој создава основа за среќен живот, нешто што ни овозможува ефикасно да се справуваме со животните борби и тешкотии.
Каде е излезот од маките, од тешкотиите и од разните страдања присутни во светот во кој живееме? Луѓето оддадени на верата ќе речат дека излезот е во следењето на религиозните закони. За мудрите филозофи, решението е во практикувањето на етичките начела, во себеспознанието и во надградбата на знаењето.
Сите духовни традиции ја извршуваат истата функција: помагаат во скротувањето на нашата ментална состојба, во надминувањето на нашата негативност и во усовршувањето на нашиот внатрешен потенцијал.
Современото живеење предизвика луѓето постојано да се соочуваат со емоционални, духовни и психофизички болки и страдања.
Филозофот Блез Паскал искажал мошне песимистичко гледиште за состојбата во која се наоѓаат луѓето. Човечкиот живот е спореден со непрегледна колона робови заковани во нераскинливи синџири, осудени да бидат сведоци како некој страшен и семожен џелат ги убива еден по еден, без надеж да ја избегнат страшната судбина. Оваа филозофска асоцијација на Паскал укажува дека во човечкиот живот доминира состојбата на очај, песимизам и апатија.
Не можеме да ѝ побегнеме на смртта, но може да го водиме, креираме и осмислуваме животот. Решението е да живееме во духот на старогрчката паидеиа: да бидеме образовани, културни, одговорни и во редот со борците што поттикнуваат културно издигање и вредно цивилизациско живеење. Секој самостојно одлучува како ќе го живее својот живот – дали ќе развива слабост на духот, малодушност и себичност или, пак, ќе ја унапредува својата сила и ќе живее самосвесно, хумано и смело во борбата со разните неправди, тешкотии и страдања.
Степените на филозофска вистина се одредени според степените на олеснување на страдањето.
Како што напишал Мирча Елијаде: „Човекот не е единствено суштество кое е осудено на страдање; страдањето е космичка нужност. Самиот факт дека постоиме во времето и дека траењето ни е ограничено подразбира страдање. Но, за разлика од боговите и животните, човекот има можност да ја надмине својата условеност. Страдањето е навистина сеопшто, но ако човекот знае што треба да прави за да се ослободи, тогаш таа не е бесконечна“.
Повеќето источни идеологии се вртеле околу доктрината на реинкарнацијата и кармата, а главната цел била ослободување од бескрајниот круг на самсарата, која ги вовлекува од еден живот во друг. Упанишадите учеле дека основна причина за страдањето е незнаењето: кога трагачот ќе стекне длабоко сознание за својата вистинска и апсолутна суштина (атман), ќе открие дека болката веќе не се доживува така силно и конечното ослободување ќе му биде појасно.
Наместо незнаењето да се смета за главна причина за страдањето, мудреците од Стариот Исток увиделе дека копнежот е главниот виновник. Монасите знаеле дека токму копнежот ги врзува луѓето за самсарата. Кога од срцето и од умот ќе го тргнеме копнежот, тогаш ќе произведеме помала карма.
Вистинската цел на будистите – нирваната, значи гаснење. Она што се гасне – како некоја светилка – или исчезнува е себичниот копнеж. Кога себичниот копнеж ќе исчезне, заедно со него се искоренува и самото страдање. Така, вистината на престанувањето на страдањето се состои од вистината дека со исчезнувањето на алчноста и копнеењето ќе се намали и страдањето.
Теоријата на кармата укажува дека не треба никого да обвинуваме за сопствената судбина освен самите себе. Кармата не може да ги ослободи луѓето од последиците на нивните дела, но добра карма значи и голема добивка зашто обезбедува многу поповолна егзистенција во наредниот живот.
Мудрите учители и проповедници од Истокот барале начин како да се подобри кармата, да се надмине страдањето и да се постигне внатрешен мир и хармонија. Во практикувањето ахимса (ненасилство) како форма на даја (сочувство), големиот духовен учител Џајна барал решение за надминување на страдањата. Ненасилството е врховна религија и главна тема на џаинистичката традиција. Треба да се практикува не само кон луѓето туку и кон животните и природата. Ренесансните филозофи имаат кажано: „Природата е формата преку која Бог го покажува своето лице“.
Не можеме духовно да напредуваме доколку ги затвораме очите пред страдањето на суштествата околу нас. Лотосовата сутра вели: „Погледнете ги другите суштества со очите на сочувство. Основниот лек за гневот и омразата е да се практикува сочувство и сомилост“.
Сепак, да се биде сочувствителен не значи толерирање на неправдата како изговор за пацифизам. Махатма Ганди има кажано дека таквата рамнодушност не е доблест – таа е слабост. Наместо да стоиме настрана и да гледаме како невини луѓе стануваат жртви, треба да се залагаме за оние што не можат да им се спротивстават на неправдите.
Да се биде човек во вистинската смисла на зборот, значи да се вложува во себе, да се биде хуман, позитивен и благороден во своето дејствување. Нема напредок без иницијативност, храброст и решителност. Наместо да се пасивизира и да чека спас однадвор, секој самосвесен поединец може да влијае врз сопствената душевна состојба и да ја подобри својата судбина.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












