Во тек е целосна реконструкција на објектот на месната заедница во населбата Пинтија. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денеска изврши увид во градежните активности, со што го означи почетокот на активностите од својата програма за работа, со која се предвидува динамична реализација на започнатите инфраструктурни зафати и иницирање на нови, кои се од суштинско значење за унапредување на животниот стандард во сите делови на општината.
-Се работи за темелна реконструкција со која ќе се подобрат конструктивните и физички својства на постоечкиот објект, кој веќе подолг период е во лоша состојба. Со зафатот ќе се создаде современ, функционален и безбеден простор кој ќе им служи на жителите на Пинтија за реализација на активности од интерес за локалната заедница – соопштија од Општина Кисела Вода.
Средствата за реконструкцијата се обезбедени преку Владината програма за капитални проекти, финансирана од унгарскиот кредит.
-Пинтија е населба со долгогодишна традиција и активна заедница на граѓани кои заслужуваат современи и функционални услови за работа и комуникација. Овој објект има посебно значење за локалниот живот и затоа инвестираме во негова темелна реконструкција за да создадеме безбеден, енергетски ефикасен и уреден јавен простор. Ова е само почеток на реализацијата на сериозната програма што им ја понудивме на граѓаните, која ќе обезбеди континуитет во капиталните инвестиции и рамномерен развој на сите населени места во општина Кисела Вода-изјави Стаменкоска-Трајкоска.












