Жителите на селата Пчиња, Студена Бара, Вакаф и на околните населени места вчера почнаа со блокада на кумановската градска депонија „Краста“, револтирани поради пожарот и чадот што, според нивните тврдења, траат веќе шест месеци. Со блокадата е оневозможено движењето на камионите на комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“, па сметот од Куманово не се носи и не се депонира на оваа локација. Жителите бараат итно решение за пожарот и преземање конкретни мерки од надлежните институции. Од комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“ велат дека работат на надминување на проблемот. Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, истакна дека, како една од клучните мерки на завчерашната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, била издвоена и потребата од забрзување на постапката за трајно решавање на проблемот
Жителите на селата Пчиња, Студена Бара, Вакаф и на околните населени места вчера почнаа со блокади на кумановската градска депонија „Краста“, револтирани поради пожарот и чадот што, според нивните тврдења, траат веќе шест месеци.
Со блокадата е оневозможено движењето на камионите на комуналното претпријатие, па сметот од Куманово не се носи и не се депонира на оваа локација. Жителите бараат итно решение за пожарот и преземање конкретни мерки од надлежните институции.
Тие велат дека постојано вдишуваат чад од депонијата, а поради состојбата, како што посочуваат, дел од децата не заминале на училиште. Тие најавуваат дека ќе испратат барање и до Владата, и до здравствените институции да постават мерни станици со кои ќе се следи загадувањето во населените места во близина на депонијата. Тие велат дека претходно било ветено оти најдоцна до 2 октомври ќе биде ангажирана механизација за гаснење на пожарот, но оти не било реализирано тоа.
– Пожарот на депонијата и загадувањето на селата станаа поголеми и живеењето стана неподносливо – порачаа жителите, барајќи целосно гаснење на депонијата и конкретни мерки од институциите.
Од комуналното претпријатие „Чистота и зеленило“ велат дека работат на надминување на проблемот. Директорот Сашо Томиќ посочи дека во текот на претходните денови биле ангажирани нивна механизација и механизација од Противпожарната бригада и дека цистерни со вода непрекинато го натопувале теренот.
Дополнително, ангажирани се и два багери, со кои се врши дотур на земја.
Од Општина Куманово, по вчерашниот вонреден состанок на кризниот штаб, се одвоени четири милиони денари за санација на дефектите на механизацијата на комуналното претпријатие.
Од комуналното претпријатие очекуваат, со засилена работа во следните денови, состојбата да биде подобрена и нивото на чад да се намали. Директорот оцени дека не е добра ситуацијата и дека е голем револтот кај локалното население.
Инаку, на вчерашната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, било одлучено да се интензивира санацијата на депонијата „Краста“ со ангажирање дополнителна механизација, нанесување нови слоеви земја и со засилено гасење на активните жаришта.
На седницата, на која присуствувале претставници на ТППЕ Куманово, ЈП „Чистота и зеленило“, Дирекцијата за заштита и спасување, РЦУК, СВР Куманово, Советот на Општина Куманово и општинската администрација, било констатирано дека активните пожари на депонијата бараат координиран ангажман на расположливите сили.
– Општинскиот штаб препорача континуирано да продолжи интензивното гасење на пожарите и дополнително да се активираат екипите на ТППЕ Куманово и на ЈП „Чистота и зеленило“ – потенцираат од Општина Куманово.
Градоначалникот Максим Димитриевски информираше дека противпожарните екипи што биле ангажирани во изминатиот период на територијата на соседната Општина Липково, поради големите шумски пожари таму, сега ќе ги насочат расположливите сили кон „Краста“.
– Имаме одредени количини земја што веќе се истоварени таму, а во соработка со општествено одговорните компании ќе се обидеме да ја санираме состојбата. Очекувам во следните два дена да се надмине овој проблем – изјави Димитриевски.
Како една од клучните мерки била издвоена и потребата од забрзување на постапката за трајно решавање на проблемот.
Општина Куманово ќе упати апел до Министерството за животна средина и просторно планирање да ја забрза постапката за избор на најповолен понудувач за изградба на претоварна станица за комунален отпад на депонијата „Краста“, нејзино санирање и, конечно, затворање.
Димитриевски посочи дека Општина Куманово е корисник на проектот, но не е финансиер на целата постапка и го очекува одговорот за завршување на изборот на изведувач, по што би требало да почнат градежните активности. Тој кажа дека „Краста“ е децениски проблем и нејзиното трајно затворање не може да се реши само со повремено гасење на пожарите. На локацијата има насобрано големи количества отпад, како и акумулации на подземни гасови, што претставува дополнителен ризик од појава и ширење на пожари.
– Додека не се интервенира трајно со набивање со специјална опрема и извлекување на гасовите од самите акумулации на смет, овој проблем нема да биде трајно решен – нагласи Димитриевски.
Тој рече дека го разбира нивниот револт и дека правото на протест е демократско право.












