Граѓанската организација „Еко-свест“ реагира на предложените измени и дополнувања на Законот за животната средина, кои се најавени на дневниот ред на 125. седница на Собранието на Република Северна Македонија, закажана за утре. Од организацијата оценуваат дека потребата од измени во законодавството од областа на животната средина е очигледна, особено поради потребата од усогласување со европското законодавство. Сепак, според „Еко-свест“, предложените измени не се доволно сеопфатни и не обезбедуваат целосно усогласување со Директивата 2011/92/ЕУ.
Од „Еко-свест“ посочуваат дека Законот за животната средина досега претрпел повеќе измени и дополнувања и регулира широк спектар прашања, поради што станува збор за сложен законски текст. Оттаму сметаат дека е потребно донесување нов закон кој ќе биде усогласен со европската легислатива, наместо парцијални измени на постојниот закон.
Според нив, доколку предложениот законски текст биде усвоен во актуелната форма, може да се создаде правна празнина и простор за различно толкување на одредбите. Како примери се наведуваат бришењето на одредби поврзани со управувањето со контаминирани подрачја, промените во терминологијата во општите одредби, роковите за поднесување елаборати за заштита на животната средина, како и одредбите поврзани со спроведувањето на оцената на влијанието врз животната средина (ОВЖС).
Дополнителен проблем, според „Еко-свест“, е поврзаноста на предложените измени со Законот за заштита на природата. Од организацијата укажуваат дека постапката за донесување нов Закон за природа веќе е започната, а предлог-текстот е објавен на веб-страницата на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Оттаму предупредуваат дека паралелното менување на двата законски текста може да отвори прашање дали нивните одредби ќе бидат меѓусебно усогласени.
Од „Еко-свест“ апелираат до пратениците и Собранието при разгледувањето на предложените измени да ги земат предвид коментарите на организацијата, со цел, како што наведуваат, да се избегне создавање законска рамка која би можела да доведе до несоодветна примена на прописите и негативни последици врз животната средина.
Организацијата најавува дека своите забелешки и коментари ги ставила на располагање за јавноста и за пратениците во пресрет на собраниската расправа.












