Извештајот на реномираната австриска фирма покажал оти биле оштетени носечките и влечните сајли далеку под секој дозволен безбедносен минимум, додека дури три од вкупно четири безбедни сензори за движење на кабините биле надвор од функција. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека веќе е склучен договор за целосна ревитализација со „Допелмаер“ и дека се очекува наскоро да пристигнат на терен стручни тимови од фирмата, заедно со оригиналните делови
Откриени се сериозни недостатоци во работата на жичницата, по деталните проверки од реномираната австриска фирма „Допелмаер“, откако тоа го побарал скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски. Тој обелодени дека извештајот покажал оти биле оштетени носечките и влечните сајли далеку под секој дозволен безбедносен минимум, додека дури три од вкупно четири безбедни сензори за движење на кабините биле надвор од функција.
– Во Швајцарија имало несреќа пред неколку години, во која, за жал, загинала госпоѓа. Несреќата се случила поради нефункционалност на еден од четирите сензори за движење на кабините. Кај нас, три од четири не функционираа – изјави скопскиот градоначалникот во телевизиско интервју.
Токму поради овие застрашувачки сознанија, жичницата била итно и без одложување исклучена од сообраќај за да се спречи катастрофа.
Ѓорѓиевски истакна дека веќе е склучен договор за целосна ревитализација со „Допелмаер“ и дека се очекува наскоро да пристигнат на терен стручни тимови од фирмата, заедно со оригиналните делови.
Притоа, најави дека по завршувањето на техничките зафати, системот ќе мине низ најригорозни тестови, сè до добивање официјален меѓународен сертификат за сигурност, но и дополнителна обука за вработените, кои треба да ги вршат редовните сервиси и проверки.
За да ја потврди безбедноста на објектот пред јавноста, градоначалникот најави дека првото тест-возење по рестартирањето ќе го направи лично тој, заедно со директорот на ЈСП „Скопје“ и со своите деца.
Крајниот рок за завршување на комплетната реконструкција е предвиден до крајот на ноември, по што жичницата повторно ќе им биде ставена на располагање на скопјани и на туристите, во текот на претстојната зимска сезона, со вообичаените безбедносни паузи во деновите со силен ветер.
Еден билет и за воз и за автобус
До средината на идната година, според Ѓорѓиевски, скопјани ќе користат еден билет и за воз и за автобус. Тој информираше дека станува збор за интегриран систем со кој патниците повеќе не би плаќале одделно при префрлање од еден вид јавен превоз во друг.
– Да не се симнувате од воз, а сте платиле 40 денари, па да се качите во автобус и да платите уште 35 денари. Со еден билет да можеш да се качиш од Зелениково и да одиш до Ѓорче Петров – објасни Ѓорѓиевски.
Системот треба да се изработи заедно со Министерството за транспорт.
Според градоначалникот, интегрирањето на билетите би требало да го поедностави патувањето и да ги намали трошоците за граѓаните што комбинираат воз и автобус.
Паралелно, Ѓорѓиевски рече дека се придвижува и проектот за брз автобуски превоз БРТ. Во наредните денови треба да биде објавена тендерската постапка за проектирање и изградба, во координација со Европската банка за обнова и развој.
Доколку се одвива постапката според планот, градежните работи би требало да почнат кон крајот на пролетта 2027 година.
БРТ треба да го поврзе Ѓорче Петров со Аеродром, а проектот предвидува и набавка на дополнителни 40 еколошки автобуси. Според Ѓорѓиевски, планираната фреквенција треба да овозможи патниците да чекаат помалку од 6 минути.
Намерата е БРТ, градскиот воз и новите автобуси да станат три алтернативи за скопјани што сакаат поретко да го користат автомобилот.
Ѓорѓиевски очекува целиот БРТ-проект да стане функционален до крајот на неговиот мандат, доколку се одвива реализацијата според планот.
Проектот во минатото предизвикуваше полемики, меѓу другото, и поради зафатите врз средишното зеленило на булеварите, но Ѓорѓиевски тврди дека нема да се случи тоа.
Бесплатни денови за фрлање кабаст отпад во „Дрсила“ и камери против вандализмот
Ѓорѓиевски, исто така, истакна дека изнаоѓаат начини за да го стимулираат правилното фрлање отпад.
Притоа, се размислува за воведување на мерките да има еден или два дена во месецот за да можат граѓаните без надоместок да се ослободат од својот кабаст отпад, но и за воведување парични награди за граѓаните што ќе снимаат и ќе пријавуваат неправилно ставање отпад.
Тој наведе дека уште на наредните седници ќе му предложи на Советот на Град Скопје да се воведат овие мерки.
Воедно, скопскиот градоначалник информираше дека завршува и постапката за поставување камери на над 200 локации во градот, на места каде што се создаваат диви депонии, како и во парковите и на детските игралишта.
– Сите снимки со вандализам ќе бидат директно препраќани до Министерството за внатрешни работи. За овие деликти не е доволна само парична казна туку мора да има и кривична и морална одговорност, како од сторителите така и од нивните родители доколку се работи за малолетници – порача Ѓорѓиевски.
(А. П.)












