Денес во Турција стапи на сила забрана за пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 15 години.
Процесот на проверка на возраста за постоечките кориснички сметки ќе трае до 31 март 2027 година. Во текот на овој преоден период, операторите на социјалните мрежи постепено ќе ги затвораат постоечките сметки што им припаѓаат на деца.
Кон средината на октомври, Турција им забрани на давателите на услуги на социјалните мрежи да им овозможуваат пристап на малолетници помлади од 15 години, согласно новите прописи донесени од Директоратот за сајбер-безбедност.
Во прописот се наведува дека давателите на услуги „не смеат да обезбедуваат услуги за деца кои немаат наполнето 15 години“.
Исто така, од давателите на услуги се бара да понудат приспособени услуги и да спроведат соодветни мерки за корисниците постари од 15 години, во согласност со прописите. Понатаму, при проверката на возраста мора да се даде приоритет на заштитата на личните податоци, при што ќе се користат методи со кои само се утврдува дали корисникот го исполнува возрасниот услов, без притоа да се открива неговиот идентитет.
За да пристапат до некоја социјална мрежа, корисниците ќе мора да поминат низ процес на потврдување на идентитетот преку државната платформа за електронски услуги, „e-Devlet“.
Потоа, тие ќе добијат дигитален токен што содржи информации за нивната возраст. Доколку се помлади од 15 години, пристапот ќе им биде одбиен; доколку имаат меѓу 15 и 18 години, ќе добијат пристап до социјалната мрежа, но со одредени ограничувања.
Испраќањето пораки ќе биде возможно само со кориснички сметки на пријатели, преносите во живо ќе бидат забранети, а корисниците нема да гледаат реклами наменети за возрасни, пренесува „Танјуг“.











