– Малите промени во секојдневното однесување носат големи придобивки за сите: почист воздух, поуредени градови, помал метеж и поголема безбедност во сообраќајот. Да создадеме градови во кои приоритет ќе бидат луѓето, а не автомобилите – повикуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од друга страна, велосипедистите констатираат дека годинава, според меѓународниот сајт каде што се најавуваат активностите по повод Европската недела на мобилноста, во Скопје не се организира ништо. Единствено, Битола, Охрид и Кочани организираат промотивни настани и паради со различни превозни средства. Притоа, додаваат дека наместо да се искористи оваа шанса за целосно затворање на улиците и за мотивирање на луѓето помалку да ги користат своите автомобили, за жал, или се организираат паради или апсолутно ништо
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), од денеска до 22 септември ја одбележува Европската недела на мобилноста, кампања што поттикнува промена на секојдневните навики во движењето и избор на поодржливи, побезбедни и поеколошки начини на транспорт.
Од РСБСП ги повикуваат граѓаните, во текот на Европската недела на мобилноста, да направат мал, но значаен чекор кон одржливите навики на движење, односно да го остават автомобилот кога е можно тоа, да пешачат до блиската дестинација, да возат велосипед, да го користат јавниот превоз или да споделат превоз со други лица.
– Малите промени во секојдневното однесување носат големи придобивки за сите: почист воздух, поуредени градови, помал метеж и поголема безбедност во сообраќајот. Да создадеме градови во кои приоритет ќе бидат луѓето, а не автомобилите – повикуваат од РСБСП.
Оттаму додаваат дека Европската недела на мобилноста потсетува оти не мора секое патување да почне со автомобил, бидејќи градовите денес се соочуваат со сè поголем број автомобили на улиците, што резултира со сообраќаен метеж, загаден воздух, бучава и со намален квалитет на живот.
– Секој ден кога ќе го оставиме автомобилот дома и ќе избереме да пешачиме, да возиме велосипед, да користиме јавен или друг алтернативен превоз, придонесуваме за намалување на загадувањето, ослободување на урбаниот простор и за создавање похумани градови по мера на човекот – велат од РСБСП.
Притоа, додаваат дека улиците треба да бидат места каде што децата безбедно ќе одат на училиште, каде што постарите лица ќе може да се движат без страв, а велосипедистите и пешаците ќе бидат рамноправни и почитувани учесници во сообраќајот.
Оваа година, тема на Европската недела на мобилноста е меѓугенерацискиот превоз. Велосипедистите велат дека ако сакаме градовите да ги канат луѓето од сите генерации да може безбедно да се движат онаму каде што поминуваат, потребно е да соработуваат градовите и институциите, имајќи ги нив предвид при планирањето на сообраќајот.
– Во изминатите години, во Скопје се организираа серија настани во текот на Европската недела на мобилноста. Се промовираа нови сообраќајни решенија, нови одржливи модели на превоз, се промовираа системи за изнајмување велосипеди, субвенции, паркинзи за велосипеди, целосно се затвораа булевари и улици за автомобили, односно се организираа настани „Улици за луѓе“ и паради со велосипеди. На овие настани, луѓето се мотивираа да пешачат, да возат велосипед, да го користат јавниот превоз и да уживаат во јавниот простор – велат од групата скопски велосипедисти „На точак“.
Тие додаваат дека годинава, според меѓународниот сајт каде што се најавуваат активностите по повод Европската недела на мобилноста, во Скопје не се организира ништо. Единствено, Битола, Охрид и Кочани организираат промотивни настани и паради со различни превозни средства.
– Наместо да се искористи оваа шанса за целосно затворање на улиците и за мотивирање на луѓето помалку да ги користат своите автомобили, за жал, или се организираат паради или апсолутно ништо – констатираат од „На точак“.
(А. П.)












