Клима-уредите станаа спас од жештините, но и нов предизвик за електроенергетскиот систем. Само во првите 16 дена од јули годинава во земјава биле потрошени 223.403 мегават-часови електрична енергија, а највисок дневен товар е измерен на 16 јули, со 15.751 мегават-час. Од РКЕ и од ЕВН велат дека топлотните бранови и сè почестото користење на климите ја менуваат досегашната слика, па летото станува период со сè поголем притисок врз мрежата. Енергетските експерти предупредуваат дека слабата изолација на голем дел од зградите и густата градба дополнително ја зголемуваат потребата од ладење. Додека граѓаните бараат спас од високите температури, ЕВН инвестира во модернизација на мрежата за да може полесно да ги издржи летните удари
Кога ќе удрат жешките денови, како што, впрочем, е деновиве, прво се бара ладовина, а потоа се притиска копчето на клима-уредот. Но, секое разладување си има цена, и тоа не само на сметката за струја туку и на целиот електроенергетски систем. Со температури што во лето сè почесто одат кон 40 степени, климите работат со полна пареа, а потрошувачката на електрична енергија расте од година на година.
Ако порано најголемиот товар за системот беше во зимските месеци поради греењето, денес сликата полека се менува. Летото веќе не е „мирна сезона“ за енергетиката. Топлотните бранови и масовното користење на клима-уредите создаваат нови пикови во потрошувачката, особено во попладневните часови, кога речиси сите бараат начин да се спасат од жештината.
Од „ЕВН Македонија“ велат дека во периодите со екстремно високи температури, потрошувачката на струја расте токму поради интензивното користење на уредите за ладење. Сепак, посочуваат дека електроенергетскиот систем е планиран така што може да одговори на сезонското зголемување.
Бројките покажуваат колкав е товарот. Од 1 до 16 јули 2026 година, во земјава биле потрошени 223.403 мегават-часови електрична енергија. Најголемата дневна потрошувачка е измерена на 16 јули и изнесувала 15.751 мегават-час. Токму тој ден бил еден од најтоплите во периодот, со максимална температура од 37 степени измерена на скопскиот аеродром.
За споредба, во истиот период минатата година, од 1 до 16 јули 2025 година, потрошувачката била 234.333 мегават-часови, односно просечно 14.646 мегават-часови дневно. Ова лето температурите се малку пониски, па има и умерено намалување на потрошувачката, но трендот е јасен: кога растат температурите, расте и потрошувачката.
Скопје, како најголемо потрошувачко подрачје, најдобро ја покажува оваа слика. Во првите 16 дена од јули, Скопскиот Регион потрошил 85.346 мегават-часови електрична енергија или во просек 5.334 мегават-часови дневно. Најголемата дневна потрошувачка во главниот град била на 16 јули, кога достигнала 6.136 мегават-часови.
Но, зголеменото користење клими не значи автоматски дека секој прекин на струјата е поради жештините. Од „ЕВН Македонија“ објаснуваат дека поголемата потрошувачка може дополнително да оптовари одредени делови од мрежата, но прекините може да бидат предизвикани и од други работи: невреме, силен ветер, пожари, оштетувања од трети лица, дефекти на опремата и други непредвидени ситуации. За да има помалку прекини, од „Електродистрибуција“ велат дека постојано се работи на обновување на мрежата. Се менува старата опрема, се градат нови трафостаници и далноводи, а се воведуваат и системи за далечинско следење за побрзо откривање и отстранување на проблемите.
Жештината не е проблем само за луѓето туку и за самите електрични водови.
Кога се екстремно високи температурите, проводниците се загреваат и се менуваат нивните механички својства. Тоа може да доведе до нивно поголемо приближување, па дури и допирање, што носи ризик од искрење и дефекти. Од ЕВН велат дека е изградена мрежата според технички стандарди и дека се земени предвид ваквите услови. На критичните места се поставуваат дистанцери меѓу проводниците, со што се намалува можноста да се допрат тие при високи температури, ветер или други надворешни влијанија.
Професорот Ристо Цицонков од Машинскиот факултет предупредува дека причината за сè почестите топлотни бранови се климатските промени. Според него, времето кога речиси и не биле потребни клима-уреди во голем дел од Европа, одамна поминал. Денес температурите над 40 степени стануваат сè почеста појава, а високите ноќни температури не дозволуваат домовите природно да се разладат.
Цицонков смета дека климите стануваат неопходност, но проблем е што голем дел од зградите се „жедни“ за енергија. Лошата изолација, старите прозорци и неефикасните системи за ладење прават клима-уредите да работат подолго и повеќе да трошат. Според него, над 95 проценти од зградите во Македонија не ги исполнуваат критериумите за енергетска ефикасност. Тоа значи дека во лето побрзо се загреваат, а во зима побрзо ја губат топлината. Наместо да се решаваат дополнително, системите за греење и за ладење треба да бидат предвидени уште при изградбата на објектите.
Проблем прави и начинот на кој се градат градовите. Во делови од Скопје со густа градба се создаваат таканаречени топлински острови, каде што температурата може да биде и за три до седум степени повисока. Повеќе бетон, помалку зеленило и густо поставени згради значат дополнително загревање и поголема потреба од разладување.
И од Регулаторната комисија за енергетика укажуваат дека клима-уредите веќе ја менуваат сликата за потрошувачката на струја. Оттаму велат дека постепено се намалува разликата меѓу зимската и летната потрошувачка, бидејќи граѓаните сè повеќе трошат електрична енергија за ладење, а не само за греење.
Податоците на РКЕ што беа објавени неодамна покажуваат дека домаќинствата во 2025 година потрошиле околу 3,22 терават-часови електрична енергија обезбедена преку универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“. Тоа е раст од речиси пет проценти во однос на претходната година. Во 2023 година, потрошувачката била околу 2,99 терават-часови. Од РКЕ велат дека летното оптоварување станува сè поголем предизвик, особено во часовите кога најголем број од домаќинствата ги вклучуваат клима-уредите. Во исто време расте и бројот на фотоволтаични електрани, па системот мора да се приспособува на новите услови.
Од „ЕВН Македонија“ посочуваат дека во последните години се изградени околу 900 километри нови кабелски водови, изградени се 5.561 километар нова мрежа, реконструирани се 3.056 километри постојна мрежа, а изградени се 1.368 нови и модернизирани 1.761 трафостаници. Во тек е и воведувањето современи системи за дигитално следење и управување со дистрибутивната мрежа, како SCADA, GIS и ADMS-системи.
(С. Бл.)












