Извештајот на Институтот за јавно здравје открива дека најголем дел од плажите во Охридско, Преспанско и во Дојранско се безбедни за капење, но старите проблеми со загадувањето остануваат. Во Охридско и натаму закана се фекалните води, септичките јами и неисправната канализација, а во Дојранско – пестицидите и отпадните води. Институтот бара итно да се среди колекторскиот систем, да се спречат директните испусти во езерата и постојано да се следи состојбата
Иако анализите покажуваат дека водата во Охридското, Преспанското и во Дојранското Езеро во најголем дел е безбедна за капење, најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) открива дека старите проблеми со загадувањето не само што не се решени туку на некои места и понатаму претставуваат сериозна закана. Фекалните води, септичките јами, неисправната канализација, отпадните води и пестицидите се меѓу главните потенцијални загадувачи на трите природни езера.
Најпроблематичната слика и годинава доаѓа од Охридското Езеро. Според ИЈЗ, водата генерално ги исполнува законските критериуми и на најголем дел од плажите е оценета како „одлична“ или „добра“ за капење. Но, зад тие резултати стојат сериозни проблеми, кои со години остануваат нерешени.
Што го загадува Охридското Езеро?
Во извештајот се наведува дека потенцијални загадувачи се хотелско-угостителските објекти на потегот Десарет – Свети Наум, туристичките населби од Струга до Радожда, приватните куќи кај Сараиште, Канео и Света Софија, како и населените места Трпејца, Љубаништа и Радожда, каде што најголем дел од отпадните води завршуваат во септичките јами.
– Иако колекторскиот систем е изграден за да ги собира отпадните води од Охрид и од Струга и за да ги носи на пречистување, голем број хотели, ресторани, туристички населби и приватни куќи покрај крајбрежјето сè уште не се приклучени на него. Наместо во пречистителната станица, отпадните води завршуваат во септички јами, а на одредени места – и директно во езерото – се нотира во извештајот.
Особено загрижува состојбата во Радожда. Таму, според ИЈЗ, дел од септичките јами се празнат директно во езерото или се наоѓаат толку блиску до брегот што нивната содржина понира во езерската вода.
Како потенцијални загадувачи се посочени и реките Черава, Сатеска, Велгошка и Коселска, шанковите поставени покрај плажите, базените во угостителските комплекси, како и атмосферските канали во кои, намерно или ненамерно, е приклучена фекалната канализација од куќи и од станбени згради.
Дополнителен проблем е канализацискиот систем во Свети Наум. Иако е изграден пред повеќе од десет години, отпадните фекални води таму не се пречистуваат целосно. Постои само дробилка за фекалии, но нема филтри, ниту се врши хлорирање пред да се испушти водата во езерото.
Сепак, лабораториските анализи покажуваат дека во периодот од 20 мај до 24 јуни годинава, водата во Охридското Езеро ги исполнувала законските критериуми.
Во однос на физичко-хемиските параметри, речиси сите примероци се класифицирани во прва класа. Исклучок е мерното место кај Грашница, каде што водата кај испустот на атмосферската канализација е оценета како трета класа.
Најголемиот дел од плажите имаат „одличен“ квалитет на водата. Кај плажата кај хотелот „Ројал“, Лабино и каналот Студенчишта, водата е оценета како „добра“, додека кај Грашница примерокот не ги исполнува критериумите ниту за „добра“ ниту за „одлична“ вода.
Водата во Преспанското и во Дојранското е со мал ризик
За разлика од Охридското Езеро, состојбата во Преспанското е значително подобра. При увидот на шесте мерни места: Стење, Отешево, Претор, Сливница, Крани и Долно Дупени, не се забележани потенцијални загадувачи, а ризикот од загадување е оценет како низок.
Во извештајот, сепак, се наведува дека отпадните води од дел од објектите сè уште се собираат во попивни јами, а пречистителната станица кај детското одморалиште „Мите Богоевски“ не е во функција. Дел од сопствениците на викендички отпадот го отстрануваат индивидуално, додека некои дури го палат.
Кај Дојранското Езеро, најголемата закана доаѓа од земјоделските површини што го опкружуваат. Во извештајот се наведува дека пестицидите и вештачките ѓубрива што се користат на нивите, преку дождовите и подземните води, може да стигнат до езерото и да го загадат. Покрај земјоделството, потенцијални загадувачи се и викенд-населбите и руралните домаќинства што немаат соодветно одведување на отпадните води, како и цврстиот отпад што го оставаат посетителите покрај брегот.
Препораки од ИЈЗ
Во извештајот, Институтот за јавно здравје дава и низа препораки до надлежните институции за да се спречи понатамошно загадување на природните езера.
За Охридското Езеро, ИЈЗ бара целосно да се стави во функција колекторскиот систем и на него да се приклучат сите хотели, ресторани, туристички комплекси, приватни куќи и населби покрај крајбрежјето, од Свети Наум до Радожда. Според Институтот, неопходно е да се санираат сите дефекти на колекторот, да се спречи мешањето на фекалната и атмосферската канализација и да се обезбеди пумпните станици да работат непрекинато, особено при обилни дождови, кога најчесто доаѓа до директно испуштање на отпадните води во езерото.
ИЈЗ препорачува редовно одржување и чистење на локалните постројки за пречистување во автокамповите „Љубаништа“, „Ливадишта“ и „Градиште“, како и почесто празнење и дезинфекција на нивните системи за отпадни води. Има барање и за почесто чистење на речните корита на реките што се влеваат во Охридското Езеро, откривање на домаќинствата што испуштаат фекални води директно во реките и нивно приклучување на канализацискиот систем.
За Дојранското Езеро, Институтот препорачува Македонија и Грција заеднички да работат на откривање на изворите на загадување и да воспостават координирани мерки за заштита на езерскиот екосистем. Дополнително, се бара континуиран мониторинг на квалитетот на водата, со следење не само на физичко-хемиските и микробиолошките параметри туку и на присуството на пестициди и на тешки метали.
ИЈЗ препорачува резултатите од анализите редовно да се објавуваат за јавноста, а земјоделците да бидат едуцирани за намалување на употребата на пестициди и на вештачки ѓубрива и за примена на добри земјоделски практики.
Иако не се регистрирани поголеми загадувачи за Преспанското Езеро, Институтот укажува дека и таму е потребно редовно следење на состојбата, подобро управување со отпадните води и со отпадот од викенд-населбите и туристичките објекти за да се зачува сегашниот добар квалитет на водата.
Со години се трупаат проблемите, а Охрид пред нова одлука на УНЕСКО
Додека најновиот извештај на Институтот за јавно здравје предупредува дека фекалните води, септичките јами и неисправната канализација и натаму го загрозуваат Охридското Езеро, Охридскиот Регион се соочува со уште еден сериозен предизвик. На 22 јули во раните утрински часови по македонско време, во рамките на 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Бусан, Јужна Кореја, ќе се одлучува дали ќе биде впишан регионот на листата на светско наследство во опасност.
Проблемот со загадувањето на езерската вода не е од вчера. Со години институциите добиваат исти препораки: да се доизгради и поправи колекторскиот систем, да се спречат директните испусти на отпадни води и сите објекти покрај езерото да се приклучат на канализациската мрежа. Сепак, голем дел од тие препораки и натаму остануваат само на хартија.
Но, загадувањето на езерото е само еден од проблемите поради кои Охридскиот Регион со години е под засилен мониторинг на УНЕСКО. Организацијата постојано предупредува и за дивоградбите, прекумерната урбанизација, бетонирањето на крајбрежјето, несоодветното просторно планирање, притисокот од масовниот туризам и недоволната заштита на природното и на културното наследство.
Според оцените на експертите, најавата за можно ставање на Охридскиот Регион на листата на светско наследство во опасност не е никакво изненадување, туку последица на долгогодишната негрижа и на неспроведувањето на препораките што ги испраќа УНЕСКО речиси две децении.
Архитектот и познавач на охридското културно наследство, Коле Чапкановски, смета дека бил очекуван ваков развој на настаните.
– Од поодамна зборувам, укажувам и пишувам за ова. Да, можеби, најдобро ќе беше Охрид уште порано да се ставеше на листата на светско наследство во опасност. Тогаш ќе се намалеше неизбежната деградација и узурпација на просторот, заштитата ќе беше на многу повисоко ниво и немаше да дојдеме до ова дереџе. Но, едноставно немаше слух – вели Чапкановски.
Според него, колку е повисок степенот на заштита толку е поголема и обврската институциите итно да постапуваат и да воведат поголеми ограничувања за уништувањето на просторот преку урбанистичките планови.
Охрид со години се турка кон модел на масовен, краткотраен туризам, кој трае само неколку месеци во годината, додека вистинските вредности на регионот остануваат во втор план. Наместо да се развива како светски препознатлива дестинација заснована на природното и на културното наследство, сè повеќе се изложува на притисок од бетон, неконтролирана градба и активности што го нарушуваат неговиот автентичен лик.
(С. Бл.)












