Новото поскапување на нафтата на светските пазари повторно го отвора прашањето за тоа колку ќе чини горивото на бензинските пумпи од вторник и дали граѓаните ќе почувствуваат нов удар врз домашниот буџет. Во Македонија, Владата најавува мерки за ублажување на последиците, а главниот потег ќе биде намалување на акцизите за дизелот и за безоловните горива.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека веќе се чувствува растот на цените на нафтата и на бензините, особено поради случувањата на Блискиот Исток и посилниот курс на доларот.
– Немаме правено калкулација за покачувањето, но ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатава недела, а и курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела – изјави Мицкоски.
Сепак, тој најави дека Владата нема да седи со скрстени раце. Со продолжувањето на кризната состојба во енергетиката за уште три месеци, според премиерот, се создава можност државата да реагира и да го намали товарот врз граѓаните.
– Цените се такви што, сигурно, ќе имаме намалување на акцизите и кај дизелот и кај безоловните горива – порача Мицкоски.
Македонија не е единствената земја што се обидува да го ублажи ударот. И Србија презема мерки со корекции кај акцизите за горивата, со цел да се намали влијанието на високите светски цени врз граѓаните и врз компаниите. И други држави во регионот се откажуваат од дел од приходите за да спречат нов бран поскапување, кој би се почувствувал во секојдневниот живот.
Колкаво ќе биде поскапувањето на горивата, утре ќе одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Новата цена на горивата ќе важи од вторник и во следните седум дена. Граѓаните сега чекаат да видат дали најавеното намалување на акцизите ќе се претвори во конкретно олеснување на бензинските пумпи.
(С. Бл.)












