петок, септември 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Западнонилската треска годинава ги надмина претходните 15 години

Западнонилската треска годинава ги надмина претходните 15 години

Позитивни три пцовисани гаврани во Скопје и во Ресен

0

Западнонилската треска годинава достигна рекордни размери во Македонија. До 1 септември се регистрирани 56 случаи, што е повеќе од вкупниот број случаи регистрирани во земјата во претходните 15 години.

Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, од 2011 до 2025 година биле регистрирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска и пет смртни случаи. Само годинава бројот на заболени достигна 56, а досега починаа седуммина. Дури 54 случаи се од Скопје, а по еден е регистриран во Велес и во Куманово. Сите, освен еден случај, се сметаат за автохтони. Најпогодени се повозрасните граѓани. Четириесет и петмина од заболените, односно 80,4 проценти, се лица над 60 години. Просечната возраст на заболените е 65,8 години. Болеста годинава значително почесто се регистрира кај мажи – 44 од заболените се мажи, а 12 се жени. Најголем проблем е тешката клиничка слика кај најголем дел од пациентите. Дури 54 од 56 заболени развиле невроинвазивна форма на болеста, поради што сите биле хоспитализирани. Сите починати се мажи од Скопје, со просечна возраст од 73,2 години. Кај петмина од нив биле присутни и други здравствени состојби. Најголем број случаи годинава се регистрирани во август – 36, што претставува 64,3 проценти од вкупниот број.

Според местото на веројатна изложеност, најмногу случаи има во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Бутел и Аеродром, а здравствените власти објавија дека вирусот сега циркулира во Скопје Север.

Дополнителен показател за вирусот е и наодот на Агенцијата за храна и ветеринарство, која потврди вирус на западнонилска треска кај три пцовисани гаврани – два пронајдени во Скопје и еден во Ресен. Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Птиците се дел од природниот циклус на вирусот, додека комарците го пренесуваат вирусот од заразените птици на луѓето.

Во периодот од 24 до 27 август, до АХВ биле доставени повеќе од 130 пријави од граѓани за пронајдени умрени птици. Сепак, најголем дел од птиците биле во напредна фаза на распаѓање и не биле погодни за лабораториско испитување, поради што не секоја пријава можела да резултира со земање примерок. Досега се добиени три позитивни лабораториски резултати. АХВ најавува продолжување на активниот надзор на целата територија на државата, со кој ќе бидат опфатени живина во дворовите и селските стопанства, птици што се чуваат во затворени или оградени простори, како и одгледувалишта на водни птици. Од Агенцијата посочуваат дека со досегашното следење е потврдена циркулација на вирусот кај птиците на територијата на Скопје, па нема потреба од понатамошно лабораториско испитување на секој поединечен случај на умрена птица во главниот град.

Граѓаните, сепак, треба да пријават доколку на едно место и во краток период забележат поголем број пцовисани гаврани или други диви преселни птици. За поединечни умрени птици во Скопје, АХВ упатува граѓаните да ги известат надлежните комунални служби, односно ЈП „Комунална хигиена“, за нивно собирање и соодветно отстранување.

Пред речиси еден месец, на подрачјето на Скопје беше прогласена епидемија од западнонилска треска. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ