вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ Зетот на Трамп го предупреди Израел дека „ако продолжи вака ќе стане...

Зетот на Трамп го предупреди Израел дека „ако продолжи вака ќе стане глобален отпадник“

0
Фото: EPA/SERGEY DOLZHENKO

Зетот на Трамп, Џаред Кушнер, предупреди дека Израел се соочува со меѓународна изолација доколку продолжи по сегашниот пат. Кушнер, кој е вклучен во американската дипломатија во врска со Газа иако нема официјална функција во администрацијата, смета дека Израел се наоѓа пред критич на одлука.

Според него, Израел би можел да излезе од нападите на 7 октомври побезбеден и подобро интегриран во светот, или пак „да продолжи по сегашната траекторија, која води кон статус на глобален отпадник“. Неговите изјави се наведени во напис објавен во „Њујорк магазин“ во понеделникот, пренесува „Џерусалем пост“.

Ова предупредување доаѓа во време на застој во спроведувањето на мировниот план на претседателот Доналд Трамп за Газа. „Њујорк магазин“ пренесува дека во август Кушнер се сретнал со претставници на Хамас во Египет и побарал од нив цврста заложба за разоружување.

Потоа тој отпатувал во Ерусалим за да побара од премиерот Бенјамин Нетанјаху да дозволи „Мировниот одбор“ да продолжи со планот за обнова, но Нетанјаху не дал зелено светло. Во извештајот до Советот за безбедност на ОН од 17 ноември, „Мировниот одбор“ наведе дека Хамас и другите палестински фракции во јули се согласиле на план кој вклучува полагање на оружјето.

Сепак, Одборот истакна дека клучните детали за спроведувањето сè уште не се финализирани. Палестински технократски комитет, кој треба да управува со Газа, сè уште не влегол во Појасот, а меѓународните сили за стабилизација не се распоредени.

Во своите коментари за списанието, Кушнер се осврна и на други дипломатски прашања. Тој изјави дека, по нуклеарните преговори во Женева во февруари, тој и американскиот пратеник Стив Виткоф заклучиле оти иранскиот предлог би му овозможил на Техеран да ја задржи способноста за брз развој на нуклеарно оружје.

Тој вели дека ја пренел оваа проценка на Трамп пред Соединетите Држави да започнат воена кампања. Кушнер не појасни дали тој лично ја поддржал одлуката за влегување во војна.

Асошиејтед прес пренесе дека Кушнер минатата недела во Берлин изјавил оти верува дека Москва би можела да прифати безбедносни гаранции за Украина, слични на оние што ги обезбедува НАТО. Тој го претстави ова како дел од можно решение, а не како договор што Русија веќе го прифатила. Во напис во „Њујорк магазин“ се разгледува и потенцијален судир на интереси помеѓу дипломатската работа на Кушнер и неговата инвестициска фирма, „Афинити партнерс“. Фирмата има собрано капитал од државни инвестициски фондови на земјите од Персискиот Залив.

Минатата недела, конгресменот Роберт Гарсија, истакнат демократ во Комитетот за надзор при Претставничкиот дом, побара од Кушнер да ја зачува сета документација и комуникација, со оглед на планираната конгресна истрага. Кушнер ги отфрли овие обвинувања, наведувајќи дека неговите критичари не успеале да наведат ниту еден конкретен случај во кој тој ја искористил својата дипломатска работа за лична деловна корист, пренесува Индекс.хр.

ИЗДВОЕНИ