вторник, јуни 9, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Жените во Македонија се дискриминирани, жртви на мобинг и помалку платени од...

Жените во Македонија се дискриминирани, жртви на мобинг и помалку платени од мажите

И покрај законската заштита, жените и натаму се соочуваат со дискриминација, мобинг, нееднаква платеност и притисоци поради бременост и мајчинство. Синдикатите бараат поголема заштита на работничките права и ги повикува жените да не молчат и да ги бараат своите права, и покрај тоа што процедурата е сложена, а патот е долг

48

И покрај сè поголемото присуство на жените во сите професии, како и на раководни и лидерски позиции, многу од нив и натаму се соочуваат со дискриминација, нееднаков третман, вознемирување, мобинг и ограничени можности за напредок во кариерата. Токму овие прашања беа во фокусот на конференцијата „Жените, трудот и социјалната правда“, што ја организираше Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) преку Секцијата на жени на ССМ, во партнерство со Фондацијата „Фридрих Еберт“.

„Иако денес жените се сè поприсутни во сите сфери на општеството и заземаат значајни раководни и лидерски позиции, за жал, сè уште не можеме да кажеме дека во целост уживаат еднакви права и можности како мажите. Во практиката, многу жени се соочуваат со дискриминација, нееднаков третман, мобинг, сексуално вознемирување и ограничени можности за напредување на работното место. Како Секција на жени при ССМ, секојдневно се бориме за унапредување на правата на жените работнички“, изјави Ивана Димитрова, претседател на Секцијата на жени при ССМ.

Таа посочи дека посебно внимание се посветува на заштитата на мајчинството, бидејќи и натаму има случаи на дискриминација поради бременост или мајчинство. Според неа, честа е злоупотребата на договорите за вработување на определено време, при што на бремените работнички не им се продолжуваат договорите, што директно влијае врз нивната економска и социјална сигурност.

„Во колективните договори постојано се залагаме за дополнително зајакнување на заштитата на мајките и за воведување механизми кои ќе спречат откази и други форми на притисок врз жените во периодот на бременост и мајчинство. Еден од најголемите предизвици останува и нееднаквата платеност. За исти или слични работни позиции, разликите во платите меѓу мажите и жените во одредени случаи достигнуваат и до 30 проценти“, нагласи Димитрова.

Таа додаде дека законската рамка, во најголем дел, обезбедува солидна заштита на работничките права и јасно ја забранува дискриминацијата врз основа на пол, но проблемот останува во нејзината примена.

„Имаме добри законски решенија, но тие честопати во практиката не се спроведуваат доследно. Затоа, во наредниот период ќе посветиме уште поголемо внимание на едукацијата на жените за нивните права и на конкретните чекори што треба да ги преземат доколку се жртви на мобинг, дискриминација или други повреди на правата од работен однос“, рече Димитрова.

На конференцијата беше посочено и дека Државниот инспекторат за труд и ССМ имаат континуирана соработка во насока на заштита на работничките права, особено на жените кои сè уште се соочуваат со мобинг, вознемирување и дискриминација на работното место. Иако законската рамка обезбедува заштита, предизвик останува практичната примена и докажувањето на ваквите случаи, поради што многу жени се воздржуваат од нивно пријавување.

Жените кои се жртви на мобинг или дискриминација треба навремено да ги документираат сите случаи на повреда на нивните права, да се обратат до работодавачот, синдикатот или до Државниот инспекторат за труд и да ги искористат сите законски механизми за заштита. Само преку информираност, навремена реакција и институционална поддршка може да се обезбеди поефикасна заштита и унапредување на нивната положба на работното место.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, истакна дека жените денес се меѓу најуспешните, најодговорните и најхрабрите работници во општеството, но и покрај нивниот придонес, сè уште се соочуваат со различни форми на притисоци и дискриминација.

„Сè уште сме сведоци на случаи на мобинг, дискриминација, сексуално вознемирување и нееднаков третман на работното место. Дополнителен проблем е што постапките за докажување на ваквите повреди на правата често се сложени и долготрајни, поради што многу жени се обесхрабруваат да ги бараат своите права. Токму затоа е важно да бидеме обединети и солидарни. Само заедно можеме да се избориме за достоинствени услови за работа, еднакви можности и целосно почитување на работничките права“, изјави Трендафилов.

Тој нагласи дека жените треба рамноправно да учествуваат во процесите на одлучување и во креирањето на политиките, а не само да бидат формално застапени.

„Продолжуваме да градиме синдикат во кој жените имаат силен глас, еднакви можности и целосна поддршка во заштитата на нивните права. Нашата обврска е да создадеме средина во која секоја жена ќе се чувствува сигурно, почитувано и вреднувано. Затоа, мојата порака до сите жени е да не се обесхрабруваат, да не се откажуваат и никогаш да не потклекнуваат пред притисоците и неправдите“, порача Трендафилов.

Според него, денес веќе не треба да се зборува за машки и женски професии, туку за знаење, труд, посветеност и резултати, бидејќи секој работник заслужува еднаква шанса, а секоја жена целосно почитување на своето достоинство и труд.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ