Екипата на Партизан е многу блиску до ангажман на американскиот центар Кевариус Хејс, пренесуваат шпанските медиуми. Според порталот „Енкестандо“, црно-белите веќе постигнале договор за двегодишна соработка со кошаркарот на Монако.
Трансферот би можел да биде реализиран поради неизвесната финансиска ситуација во францускиот клуб, поради која повеќе играчи би можеле да ја променат средината ова лето.
Хејс зад себе има богато европско искуство, настапувајќи за екипи како Жалгирис, АСВЕЛ и Париз. Минатата сезона во Евролигата бележеше просек од 6,3 поени и 3,4 скока по натпревар. Иако статистиката не е импресивна, Хејс важи за одличен дефанзивец, препознатлив по својата енергија, мобилност и способност да покрива повеќе позиции.
Доколку трансферот биде потврден, Партизан ќе добие значајно засилување под кошевите за новата сезона.











