Годишната конференција за обнова на Украина се отвора во Гдањск, Полска, денеска без Володимир Зеленски поради тензиите со Варшава, а приоритет е обновата на енергетскиот сектор, кој беше тешко погоден од војната со Русија.
Киев во вторник, по неколку недели горчливи несогласувања со Полска околу Втората светска војна, објави дека украинската делегација ќе ја предводи премиерката Јулија Свириденко, а не претседателот Зеленски.
Конференцијата во Гдањск, петта од ваков вид, треба да ги собере политичките лидери и економските актери, првенствено од Европа, во четврток и петок за да разговараат за повоената обнова на Украина по руската агресија.
Меѓу учесниците на конференцијата се Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, и неколку други членови на Комисијата.
Таа ќе зборува заедно со лидерите на Полска, Бугарија, Естонија, Финска, Латвија, Литванија, Романија и Шведска, според Комисијата.
Во Гдањск, вниманието ќе се фокусира на секторите најпогодени од војната: енергетика, критична инфраструктура и логистика. Дискусиите ќе се однесуваат и на безбедносните капацитети на Украина.
Во февруари, заедничкиот извештај на Киев, Светската банка, Европската унија и Обединетите нации процени дека повоената реконструкција во Украина би чинела околу 500 милијарди евра.
Убедувањето на инвеститорите е предизвик за Украина, бидејќи разговорите за ставање крај на конфликтот се во застој.
„Планираме да потпишеме голем број важни договори со меѓународни партнери, особено за зајакнување на нашиот енергетски сектор“, рече Свириденко во вторник.
Засега, Украина ги посветува поголемиот дел од своите ресурси на воените напори и одржување на својата економија.
Европската унија одобри заем од 90 милијарди евра за Украина во декември за 2026-2027 година, со почетна транша од 3,2 милијарди евра исплатени во јуни.
Две третини од средствата се наменети за одбраната на Украина.
Претходните Конференции за закрепнување на Украина (URC) се одржаа во Лугано, Лондон, Берлин и Рим.
За прв пат од 2022 година, Володимир Зеленски нема да присуствува на конференцијата.
Односите меѓу Варшава и Киев се заладија кон крајот на мај кога шефот на државата на Украина одлучи да именува воена единица по Украинската бунтовничка армија (УПА), националистичка организација основана во 1942 година, која во Полска се смета за одговорна за смртта на повеќе од 100.000 Полјаци.












