Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изрази надеж дека лидерите на Европската унија ќе најдат начин да ја обезбедат првата транша од финансиската помош за Украина во април, објави „Укринформ“.
„Разговарав за ова прашање со лидерите на Европската унија, како и со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Се чувствуваме пооптимисти – тие ќе најдат начини делумно да нè финансираат. Очекуваме првата транша од договорениот износ за 2026 година да биде доставена во април“, изјави Зеленски пред новинарите.
Тој потсети дека одлуката за 90 милијарди евра поддршка за Украина за 2026-2027 година. Договорот беше постигнат минатиот декември и беше договорен од сите лидери на ЕУ, но унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто рече дека Унгарија ќе блокира 90 милијарди евра финансиска помош за Украина и 20-тиот пакет санкции на ЕУ додека не се реши прашањето за транспорт на нафта преку нафтоводот Дружба.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека ЕУ ќе најде начини да го испорача ветениот заем од 90 милијарди евра на Украина, и покрај противењето на Унгарија, објави „Укринформ“.












