Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека одбраната мора да биде координирана и дека мора да се обезбеди подеднакво ефикасна заштита на животот во Европа и Блискиот Исток.
„Од наша страна, ние работиме на заштита од „шахедите“. Сосема со право очекуваме дека на нашата одбрана ќе ѝ биде пружена соодветна помош и дека Русија ќе ги почувствува последиците не само од продолжувањето на оваа војна против нас, туку и од обидот да ја прошири. На животот му е потребна заштита – заеднички, силни, координирани акции“, нагласи Зеленски во вечерното видео обраќање, пренесува „Укринформ“.
Тој ги коментираше медиумските извештаи за руската помош на иранскиот режим во обезбедувањето разузнавачки податоци со цел „прилагодување на нападите врз Американците“. Тој изјави дека има и информации за руски компоненти во иранските беспилотни летала „Шахед“ што се користат на Блискиот Исток, кои, како што оцени, „се користат и против арапските земји и против Американците во регионот“.
„Секој таков факт укажува дека имаме работа со режими кои не се едноставно поврзани еден со друг, туку постојат благодарение еден на друг – рускиот и иранскиот режим – и убиваат на практично координиран начин и тука, во Европа, и таму, на Блискиот Исток“, предупреди Зеленски. Како што изјави, Украина очекува соодветна одбранбена помош, така што Русија ќе ги почувствува последиците „не само за продолжување на оваа војна против нас, туку и за обидот да ја прошири оваа војна“.
„Му се заблагодарувам на секој лидер, на секоја земја што се сеќава на програмата PURL – програмата што ни овозможува да купуваме американски ракети за воздушна одбрана, за „патриотите“. Сите ги разбираме ризиците од напад од Иран и потребата од ракети за воздушна одбрана и на Блискиот Исток. Важно е да се обезбеди заштита на животот тука, во Украина“, заклучи украинскиот лидер.












