
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес објави порака на платформата „Икс“ упатена до украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го за закани и уцени и барајќи да го прекине притисокот и да дозволи да поминат унгарските нафтени пратки.
„Претседателе, ја примив вашата порака. Им се заканувавте на моите војници, а преку мене и на цела Унгарија. Претседателе, ова не функционира. Престанете. Ова е Унгарија. Унгарците не можат да бидат уценувани, а вие не можете да ме заплашувате. Синоќа, Унгарците рекоа дека не сакаат проукраинска влада и не сакаат проукраински премиер во Унгарија.
Мирот е подобар. Престанете со уцените и заканите. Прекинете ја блокадата на нафтата и ослободете ги унгарските нафтени пратки. Наместо закани и уцени, дајте им на Унгарците почит што ја заслужуваат“, рече Орбан.
President @ZelenskyyUa,
Stop threatening and blackmailing us!
With Hungarians, this will not work. pic.twitter.com/odQ95ErVMO— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) March 7, 2026
Нивниот конфликт ескалираше во последните денови откако Зеленски на прес-конференција изјави дека може да „ја даде адресата на лице во Европската Унија“ кое ја блокира европската помош за Украина, за да можат украинските војници „да им се јават и да разговараат со нив на нивниот јазик“.
Во Будимпешта, но и во остатокот од ЕУ, ова беше протолкувано како алузија на Орбан, кој постојано се судираше со остатокот од ЕУ околу пакетите за помош за Киев. Паралелно, постои спор околу енергијата, при што унгарската страна зборува за „нафтена блокада“ и тврди дека се загрозени залихите, пренесе „Индекс“.











