среда, јуни 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЗАВРШИ УШТЕ ЕДНА УЧЕБНА ГОДИНA, НО ГРИЖИТЕ ОСТАНУВААТ: Одѕвони и последното ѕвонче...

ЗАВРШИ УШТЕ ЕДНА УЧЕБНА ГОДИНA, НО ГРИЖИТЕ ОСТАНУВААТ: Одѕвони и последното ѕвонче за годинава, ќе има ли повеќе ученици во клупите во септември?

На завршените полуматуранти, за упис во прва година од средното образование им стојат на располагање преку 25.000 слободни места во сите 109 јавни средни училишта во државата. Крајот и на оваа учебна година помина во знакот на загрижувачка тенденција на намалувањето на бројот на учениците, посебно во основното образование, каде што во последните пет години бројот на основците се намалил за цели 10.510 ученици, а на средношколците за 1.838!

85

Последното училишно ѕвонче заѕвони денеска во основните и во средните училишта во земјава, за да го означи крајот на учебната 2025/2026 година. Со ова, за вкупно 174.040 основци, колку што ги имаше во 927 основни училишта, и за 67.540 средношколци од 128 средни училишта во земјава, започна два и полмесечниот распуст. Одморот, сепак, нема да биде безгрижен за сите ученици од причина што завршените полуматуранти и матуранти ги чекаат уписи во средни училишта и на факултети, при што се поставува прашањето дали на сите ќе им се исполнат желбите.

Министерката за образование, Весна Јаневска, денеска, до сите ученици и наставници упати честитка по повод на завршувањето на учебната година. Таа нагласи дека изминатава учебна година била подобра од претходната.

– Денес завршува учебната 2025/2026 година. Година што беше подобра од претходната и во која воведовме бројни новини во воспитно-образовниот процес, во интерес на учениците, наставниците, стручните соработници, како и на родителите и старателите. Благодарност до сите за поддршката и прифаќањето на промените. Уверена сум дека веќе ги гледаме првите позитивни резултати, што претставува дополнителен мотив да продолжиме со унапредувањето на образовниот систем. На сите основци и средношколци им посакувам убав летен распуст, исполнет со одмор, дружење и незаборавни спомени. Верувам дека ќе одвојат време и за литература, за стекнување нови знаења и за развој на личните вештини. Компјутерите и дигиталните алатки што им се достапни нека ги користат мудро за учење, истражување и откривање нови можности – нагласи министерката Јаневска.

Таа потсети дека државата се грижела и за наставниците на кои им биле зголемени платите, дека се вложувало во подобрувањето на условите за работа и во професионалниот развој. Упати и благодарност до родителите и до старателите и нагласи дека МОН сега е посветено на реализацијата на државната матура, уписите во средното образование, набавката на нови учебници, изработката на нови наставни програми, забрзувањето на дигитализацијата, како и на завршувањето на повеќе инфраструктурни инвестиции.

Завршените деветтоодделенци сега ги чека уписот во средните училишта. Според веќе објавениот конкурс, на полуматурантите во земјава, за упис во прва година од средното образование им стојат на располагање преку 25.000 слободни места во сите 109 јавни средни училишта во државата. Од нив, повеќе од 17.000 се во стручното образование, речиси 6.000 во гимназиското и 570 во уметничкото образование. Во јунскиот уписен рок има две пријавувања – првото од 12 до 15 јуни и второто на 23 јуни. Во августовскиот уписен рок има едно пријавување кое ќе се реализира на 20 август. Пријавувањето на учениците ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk со посебна најава за ученици преку сопствените кориснички сметки на schools.mk, по што, потребната документација се доставува до училиштата. Конкурсите за уписите на матурантите на прва година од високообразовните институции, пак, по традиција, се објавуваат кон крајот на овој месец.

Крајот и на оваа учебна година помина во знакот на загрижувачка тенденција на намалувањето на бројот на учениците, посебно во основното образование. Министерката за образование, Весна Јаневска, минатиот месец, во Собранието укажа на загрижувачки податок со кој во период од малку повеќе од 20 години, бројот на ученици во земјава се намалил за цели 28 проценти. Наспроти ова, според неа, во истиот период, бројот на наставниците се зголемил за 46 проценти.

– Како резултат на тоа, националниот просек се намали од 18 ученици по наставник на 11,4 ученици по наставник, во споредба со просекот на ОЕЦД од 15 ученици по наставник – рече Јаневска додавајќи дека поради ваквата состојба во околу 90 проценти од општините средствата за образование одат само за плати и што остава минимален простор за инвестиции во инфраструктура, опрема и професионален развој.

Податоците на Државниот завод за статистика, пак, го потврдуваат загрижувачкиот тренд на намалувањето на бројот на учениците. Така, увидот во податоците покажува дека само во последните пет години бројот на учениците во основното образование се намалил за цели 10.510 ученици, а на средношколци за 1.838!

– Во учебната 2021/22 година во Македонија имало 184.910 основци и 69.378 ученици во средни училишта, а во 2025/26 година – 174.040 ученици во основното образование и 67.540 средношколци. Податоците за секоја година посебно во овој период покажуваат постојан тренд на намалувањето на бројот на учениците – се наведува во годишните извештаи на ДЗС.

Намалениот наталитет и иселувањето од земјава се едни од главните причини за намалувањето на бројот на учениците. Надлежните државни органи одамна најавуваат носење посебни стратегии и мерки за зголемувањето на наталитетот и за запирањето на иселувањето, но тоа сè уште не се случува и не се спроведува во практиката. Оттаму и прашањето, дали по крајот на распустот, почетокот на следната учебна година ќе се дочека со уште помал број ученици во македонските училишта? (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ