понеделник, ноември 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА За седум години ќе добиеме 198 милиони евра од ИПАРД

За седум години ќе добиеме 198 милиони евра од ИПАРД

0

Три јавни повици за различни мерки од ИПАРД-програмата ќе бидат објавени во декември, најави директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова-Лазарева. За нив ќе бидат обезбедени средства од програмскиот период за 2027 година.

Вкупниот финансиски фонд за седумгодишниот програмски период изнесува 198 милиони евра. Според Иротова-Лазарева, досега се исплатени сите одобрени и проверени барања за кои било поднесено барање за исплата.

Меѓу мерките што ги издвојува е поддршката за жените во руралните средини, за која е предвидена неповратна финансиска помош до 360.000 денари за набавка на опрема. Со измените на условите, жените веќе нема да мора да поседуваат сопствен имот за да аплицираат, туку ќе можат да го остварат тоа право и како членки на земјоделско стопанство.

Во однос на младите земјоделци, пак, се подготвуваат дополнителни критериуми со кои треба да се спречат можни злоупотреби при користењето на набавената механизација и опрема.

Иротова-Лазарева нагласува дека целта на Агенцијата е финансиската поддршка да стигне до вистинските производители на храна. Таа посочува дека најголемиот дел од вработените, односно 70 до 80 проценти, се чесни и професионално ја вршат својата работа, и покрај тоа што дел од нив се опфатени во судски постапки.

„Агенцијата им е партнер на земјоделците, а не нивни противник. Сакаме средствата да стигнат до луѓето што навистина произведуваат храна“, порачува директорката, додавајќи дека исходот од судските постапки ќе покаже како ќе завршат случаите во кои се опфатени вработени во институцијата.

ИЗДВОЕНИ