Жителите на северниот дел на Истанбул се вознемирени поради еден необичен инцидент: лавица – за која се верува дека избегала од приватен имот во населбата Ускумрукој во Саријер – исчезнала во блиските шуми. Со оглед на опасноста што ја претставува оваа голема мачка, граѓаните се советувани да останат во своите домови додека жандармеријата и тимовите за заштита на дивиот свет спроведуваат интензивна потрага по животното.
Во операцијата за пребарување се користат дронови со термални камери, како и специјализирана опрема за следење на терен. Во еден момент, лавицата била забележана од термалните камери, но тимовите подоцна ѝ го изгубиле трагот поради густата вегетација.
Постои особена загриженост дека животното можеби било одгледано во домашни услови, бидејќи го изгубило стравот од луѓето, тоа би можело да претставува уште поголема закана доколку се приближи до населени места.
Овој инцидент повторно ја разгоре дебатата за нелегалната трговија со егзотични животни во Турција, како и прашањето како опасни диви видови успеваат да ги преминат државните граници и да ги заобиколат безбедносните контроли.
Професор д-р Зејнел Арслангундогду од Шумарскиот факултет при Универзитетот во Истанбул предупреди на ризиците што ги носи бегството на големи мачки од заробеништво – како за луѓето, така и за локалниот екосистем.
Осврнувајќи се на проблемот со нелегалната трговија со диви животни, професорот истакна дека тоа не мора да значи зголемување на шверцот, туку дека оваа појава станала повидлива за јавноста. Како што објасни тој, уште пред 20 години, на плоштадот Еминону во Истанбул можеле да се видат птици, змии и бројни други животни, чија продажба била забранета.
„Наместо да се каже дека шверцот со животни е зголемен, попрецизно би било да се каже дека неговата видливост е зголемена. Од друга страна, појавата на животно како лав во Истанбул секако е настан што ќе привлече многу поголемо внимание кај јавноста“, изјави Арслангундогду.
Тој посочи дека некои луѓе сакаат да чуваат диви животни како домашни миленици; следствено на тоа, не се шверцуваат само лавови и тигри, туку и птици грабливки – како што се бувови и јастреби – кои се автохтони видови во Турција. Според него, постои значителен пазар за овие птици, особено во источните делови на земјата, а во рамките на оваа нелегална трговија се вртат големи суми пари.
Професорот исто така напомена дека имало случаи кога диви птици биле купувани за суми што одговараат на цената на еден автомобил.
Како особено впечатлив пример, тој го наведе откривањето на фарма за диви животни во Тузла, пронајдена пред неколку години во дворот на поединец за кого подоцна се испоставило дека е лажен шеик.
Едно од клучните прашања е како лавицата успеала да стигне до Турција и да заврши во приватна сопственост.
Арслангундоглу изјави дека не може со сигурност да одговори на тоа прашање, но понуди претпоставки за методите што најчесто се користат за шверц на егзотични животни. Според него, поморскиот транспорт е еден од најчестите методи за шверц на големи животни, како што се лавовите и тигрите – кои обично се транспортираат додека се уште младенчиња.
„Знаеме дека за шверц често се користат и копнени патишта, но поморскиот транспорт е претпочитаниот избор. Змиите, пак, најчесто се транспортираат по воздушен пат, скриени во куфери“, објасни професорот.
Бегството на лавица од приватен имот уште еднаш го сврте вниманието кон проблемот со нелегалната трговија со диви животни, како и кон опасностите што настануваат кога грабливци – навикнати на живот во заробеништво – ќе се најдат во непосредна близина на луѓе или во природни живеалишта.












