Во пресрет на 9 Мај, Светскиот ден на птиците преселници, Македонското еколошко друштво (МЕД), заедно со техничкиот персонал од „ЕВН Македонија“ и од „Електродистрибуција“ (КЕЦ Штип), било во теренска посета во Овче Поле за да ги процени постојните надземни среднонапонски далноводи.
– Покрај Градско, Неготино и Тиквешкиот Регион, Овче Поле е уште една од областите што ќе ги опфатиме со проектните активности, како клучни за размножувањето, миграцијата и презимувањето на царскиот орел и на египетскиот мршојадец кај нас. Целта на ваквите теренски посети е да ги класифицираме и идентификуваме столбовите што носат најголем ризик за птиците од електрокуција и судир со столбовите, но и да утврдиме кои се најсоодветните типови изолатори за обезбедување на мрежата – соопштија од МЕД.
Оттаму додаваат дека во текот на теренската посета забележале царски орел, кој, како што велат, дошол да им посака среќа во работата.
Проектот „101216021 – LIFE24-NAT-BG-EP for Birds LIFE“ е кофинансиран во рамките на програмата „Лајф“ на Европската Унија.
Преку овој проект, во следните пет години ќе се работи на заштита на глобално загрозените видови царски орел и египетски мршојадец во Македонија, Турција и во Бугарија, преку намалување на ризиците од струен удар и судир со постојната енергетска инфраструктура.
Инаку, проектот предвидува воведување нови технологии за поставување изолатори покрај дистрибутивната мрежа, како и научни пристапи за следење на влијанието на овие мерки за заштита, со што ќе се намалат ризиците од смртност кај царскиот орел и египетскиот мршојадец, но и кај сите други птици покрај миграциските патишта. Како резултат на проектот, ќе биде изолирана и подобрена една четвртина од вкупната електродистрибутивна мрежа во четирите клучни региони.
– Со оглед на тоа што електрокуцијата и колизијата се меѓу главните причини за смртност кај избраните целни птици, предвидуваме дека на овој начин ќе го намалиме ризикот за смртност од струен удар за 70 до 90 %, а оној од судир со инфраструктурата за 50 до 70 %. Ова, пак, потенцијално ќе доведе до зголемување на гнездечката популација на царскиот орел на долг рок и до подобрување на гнездечкиот успех на националната популација на египетскиот мршојадец – истакна Данка Узунова од МЕД.












