
Заврши заложничката драма во германскиот град Дортмунд, откако 51-годишниот маж, за кого се верува дека е државјанин на Србија, рано изутрина во средата ѝ се предаде на полицијата.
Тој со своите три деца се затворил во станот во кој живеел, а излегол оттаму и бил уапсен без да даде отпор околу 3:30 часот по полноќ, откако полицајци со часови преговарале со него. Полицијата соопшти дека децата се неповредени.
Драмата почнала кога неговата сопруга повикала полиција и побарала помош. Но, според непотврдени информации на весникот „Билд“, мажот во вторникот, пред да се затвори во станот, дивеел во ресторан прскајќи ги гостите со пипер-спреј, а потоа избегал и од автомобил пукал во полицаец, но тој носел заштитен елек и добил лесни повреди.
Според полицијата, во ниту еден момент не постоела опасност за случајните минувачи.











