петок, октомври 2, 2026
Дома СВЕТ „Закон за заштита на сончевата светлина“: Трамп бара трајно укинување на поместувањето...

„Закон за заштита на сончевата светлина“: Трамп бара трајно укинување на поместувањето на часовникот

0

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика републиканците во Сенатот да го започнат процесот на усвојување закон за укинување на сезонското менување на времето во САД.

Трамп истакна дека Претставничкиот дом го усвоил Законот за заштита на сончевата светлина (Sunshine Protection Act) на 14 јули со двопартиска поддршка, а сега очекува Сенатот да го стори истото. Според него, ова би претставувало уште едно прашање за кое двете партии би можеле да постигнат договор.

Сепак, американскиот претседател тврди дека процедурата во Сенатот наидува на пречка поради сенаторот Том Котон од Арканзас. Трамп изјави дека Котон го „кочи“ процесот „од непознати причини“ и ги повика републиканците да иницираат расправа за предлог-законот.

Трамп смета дека напуштањето на практиката за менување на времето би можело да донесе низа придобивки. Тој оцени дека сегашната практика „ја чини земјата цело богатство“, со последици што влијаат врз стапките на криминал, нивото на стрес, спортот и другите сфери на општеството.

Американскиот претседател исто така тврди дека фиксниот временски стандард би можел да придонесе за намалување на грабежите, убиствата и сообраќајните несреќи – особено оние со смртни последици за пешаците – како и на одредени здравствени ризици, како што се срцевите проблеми, мозочните удари и сезонската депресија.

Како дополнителни потенцијални придобивки тој ги наведе зголемената безбедност на децата, повеќе време за семејството и позитивното влијание врз спортот, туризмот, трговијата и угостителскиот сектор. Според неговите тврдења, укинувањето на промената на времето би можело да доведе и до заштеди на сметките за електрична енергија. Трамп истакна дека прашањето за менувањето на времето би можело да ги обедини републиканските, демократските и независните сенатори. Воедно, тој напомена дека, според него, граѓаните повеќе сакаат да имаат дополнителен час дневна светлина навечер отколку наутро.

„Часовникот треба да остане на сегашното време и никогаш повеќе да не се менува“, изјави Трамп.

 

ИЗДВОЕНИ