Американскиот претседател Доналд Трамп призна дека лично интервенирал за Џенсен Хуанг да биде вратен на позицијата извршен директор на технолошкиот гигант „Енвидиа“ (Nvidia). По оваа одлука, акциите на компанијата пораснаа за 31 отсто – скок од кој и самиот Трамп имал финансиска корист, со оглед на тоа што инвестирал десетици милиони долари во компанијата, пренесува Би-Би-Си (BBC).
На 12 ноември, Хуанг беше принуден да поднесе оставка по медиумските извештаи за вонбрачна афера со жена за која постои сомневање дека има врски со кинеските разузнавачки служби.
Управниот одбор на „Nvidia“ првично ја отфрли можноста за негово враќање, но ја промени одлуката по интервенцијата од Белата куќа. Во интервју за CNBC, Трамп потврди дека разговарал со членовите на Управниот одбор и ги убедил да го вратат Хуанг на чело на компанијата, уверувајќи ги дека неговото враќање не претставува закана за националната безбедност.
На прашањето дали падот на цената на акциите на „Nvidia“ влијаел врз неговата одлука лично да интервенира, Трамп одговори: „Веројатно, да“.
По враќањето на Хуанг, пазарната вредност на компанијата се зголеми за речиси еден трилион долари.
Она што е особено проблематично е тоа што американскиот претседател има и личен финансиски удел во работењето на компанијата. Според анализата на Би-Би-Си, која ги разгледала финансиските извештаи на Трамп од изминатите две години, американскиот претседател купил акции во „Nvidia“ во вредност меѓу 23 и 86 милиони долари. Растот на вредноста на акциите по неговата интервенција директно влијае врз вредноста на неговото лично инвестициско портфолио, што отвора прашања за можен судир на интереси.
Интервенцијата на Трамп предизвика остри реакции и кај демократите и кај републиканците, кои бараат одговори за улогата на Белата куќа во оваа одлука.
Демократот Хаким Џефрис најави сеопфатна конгресна истрага.
„Нема да дозволиме администрацијата на Трамп да ја распродава американската национална безбедност за лична финансиска добивка“, изјави тој.
Републиканскиот конгресмен Дон Бејкон сугерираше дека „Nvidia“ требало да продолжи со работа без Хуанг, игнорирајќи ја необјаснивата желба на администрацијата да го спаси.
Том Котон, републиканскиот претседател на Комитетот за разузнавање при Сенатот, исто така побара одговори. Предвидено е Хуанг да сведочи пред Конгресот на почетокот на декември.
Трамп и Белата куќа претходно ги отфрлија обвинувањата дека претседателот ја користи својата функција за лично богатење, тврдејќи дека тој не носи одлуки во врска со своите инвестиции и дека со неговите деловни работи управуваат неговите синови.












