Бугарската полиција уапси пријател од детството и деловен партнер на убиениот бизнисмен Илијан Филипов, а како мотив за злосторството се наведуваат нерасчистени финансиски спорови.
Бугарската полиција го уапси Славчо Магеров, главниот осомничен за убиството на Илијан Филипов, сопственик на фудбалскиот клуб „Ботев Пловдив“. Според бугарските медиуми, мотивот за злосторството бил нерасчистен финансиски спор меѓу двајцата мажи.
Покрај тоа што го водеше фудбалскиот клуб, Филипов управуваше и со една од најголемите транспортни компании во Бугарија. Магеров му бил деловен партнер, но и пријател од детството.
Главниот обвинител Димитар Молев изјави дека Магеров е обвинет за убиство со умисла. Тој истакна дека мотивот бил од лична природа и поврзан со финансиски односи меѓу осомничениот и жртвата, пренесе Sportal.bg.

Магеров има криминално досие. Првото убиство го извршил во 1992 година, а во 1995 година бил осуден на 11 години затвор. Бил предвреме ослободен поради добро однесување.
Подоцна, тој бил апсен повеќе пати поради кражби. Во периодот меѓу 2002 и 2007 година, бил поврзуван со кражба на 30.000 долари, два килограми злато и банкомат. Во 2007 година повторно бил осуден на затворска казна за грабеж на продавница, при што одлежал 11 месеци зад решетки. По грабежот на пошта во 2013 година, бил осуден на уште седум години затвор.
И покрај неговото криминално минато, Филипов одлучил да започне бизнис со него, верувајќи дека неговиот пријател од детството се променил и го оставил зад себе претходниот начин на живот.
Филипов ја основал компанијата „ПИМК“ (PIMK), претворајќи ја со текот на времето во најголема транспортна компанија во Бугарија и една од десетте најголеми во Европа. Според достапните податоци, компанијата остварувала годишни приходи кои надминувале 150 милиони евра. Во 2025 година, Филипов стана мнозински сопственик на „Ботев Пловдив“, плаќајќи околу пет милиони евра за подмирување на неподмирените долгови на клубот.
По првите десет кола од бугарското првенство, „Ботев“ се наоѓа на шестото место со 16 бода, додека лидерот во лигата, „Левски Софија“, има освоено 25 бода.












