петок, октомври 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонските домаќинства фрлаат 86 килограми храна годишно по жител, над европскиот просек

Македонските домаќинства фрлаат 86 килограми храна годишно по жител, над европскиот просек

0

Македонските домаќинства годишно фрлаат во просек по 86 килограми храна по жител, што е за 17 килограми повеќе од европскиот просек. Над просекот на Европската Унија е и количината отпад од храна што се создава во рестораните и услугите за исхрана, како и во малопродажбата.

Според Извештајот на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) за Индексот на отпад од храна за 2024 година, домаќинствата во Македонија создале вкупно 179.311 тони отпад од храна, односно околу 86 килограми по човек годишно.

Во рестораните и услугите за исхрана биле создадени 51.283 тони отпад од храна, или околу 25 килограми по жител, додека во малопродажбата количината достигнала 30.755 тони, односно околу 15 килограми по човек годишно.

Во споредба со европскиот просек, македонските домаќинства создаваат 17 килограми повеќе отпад од храна по жител. Кај рестораните и услугите за исхрана разликата е 10 килограми, додека во малопродажбата отпадот е повисок за 5 килограми по жител годишно.

На глобално ниво, УНЕП проценува дека годишно се фрлаат околу 1,05 милијарди тони храна, што претставува 19 отсто од храната достапна за потрошувачите. Домаќинствата се одговорни за најголемиот дел од отпадот – 60 отсто, додека 29 отсто отпаѓаат на рестораните и хотелите, а 12 отсто на малопродажбата.

Во Европската Унија, според податоците на Евростат, во 2024 година секој жител создал просечно околу 129 килограми отпад од храна, во кој се вклучени и јадливите и нејадливите делови. Тоа е благ пораст од 0,7 отсто во споредба со 2023 година.

Најголем дел од отпадот во ЕУ, односно 53 отсто, се создава во домаќинствата – 69 килограми по жител. Рестораните и услугите за исхрана учествуваат со 12 отсто, или 15 килограми по жител.

Останатиот отпад се создава во претходните фази од синџирот на снабдување со храна. Производството на прехранбени производи и пијалаци учествува со 19 отсто, односно 25 килограми по жител, додека примарното производство и малопродажбата и дистрибуцијата учествуваат со по 8 отсто, или по 10 килограми по жител.

Македонија без официјална статистика за фрлената храна
Во Македонија сè уште нема официјална статистика за количината на фрлена храна. Домашната статистика го следи вкупното количество собран органски отпад, во кој покрај отпадот од храна се вклучуваат и други видови органски отпад, како лисја и слично.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година биле собрани вкупно 639.668 тони комунален отпад, од кои 34.757 тони биле класифицирани како органски отпад.

Годишното количество создаден комунален отпад по жител изнесувало 417 килограми, што е за 4,8 отсто помалку во споредба со 2024 година.

Домаќинствата се извор на најголемиот дел од собраниот комунален отпад – околу 84 отсто, додека комерцијалниот отпад учествува со 16 отсто.

И покрај намалувањето на вкупното количество комунален отпад по жител, начинот на неговото управување останува сериозен предизвик. Речиси целото собрано количество комунален отпад, односно 99,8 отсто, завршува на депонија.

ИЗДВОЕНИ