
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги предупредило дипломатските мисии веднаш да го евакуираат персоналот од Киев во случај на масовен напад од Москва како одговор на секој обид на Украина да ја наруши прославата на Денот на победата во Русија на 9 мај.
– Министерството за надворешни работи силно ги повикува властите на вашата земја да ја третираат оваа изјава со најголема одговорност и да обезбедат навремена евакуација на дипломатскиот и другиот персонал на мисиите од Киев, рече портпаролката Марија Захарова во видео објавено на „Телеграм“.
Таа додаде дека украинскиот претседател Володимир Зеленски дал „агресивни и заканувачки изјави“ на состанокот на Европската политичка заедница во Ерменија за прекинот на прославата на Денот на победата.
– Неколку земји од ЕУ беа присутни и ниту една од нив не го опомена лидерот на киевскиот режим, рече Захарова.
Зеленски го коментираше руското соопштение дека парадите се намалуваат од безбедносни причини и дека се одржуваат без воена опрема.
– Ова ќе биде првпат по многу години тие да не можат да си дозволат воена опрема и се плашат дека беспилотни летала би можеле да прелетаат над Црвениот плоштад. Тоа е значајно, рече тој.











