Висока делегација од Специјалната олимпијада Европа-Евроазија (SOEE), предводена од претседателот и извршен директор Свен Албрехт, ја посети Северна Македонија во периодот од 4 до 6 мај и се сретна со претседателот на Владатап Христијан Мицкоски, со цел унапредување на напорите за проширување на програмата „Unified Sports“ и на инклузивното образование во целата земја.

Посетата на Скопје ги собра лидерите на Владата, меѓународните институции, граѓанското општество и атлетите и ја истражи потенцијалната улога на Северна Македонија во глобалната коалиција за инклузија на Специјалната олимпијада. Коалицијата е мултилатерална платформа што соработува со владите, приватниот сектор и глобалната филантропија за да ги прошири досегот и влијанието на инклузивното образование преку спортот во светот.

Програмата вклучуваше средба на високо ниво со претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, средби со претставниците на Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и средби со агенциите на Обединетите нации, вклучувајќи ги УНИЦЕФ и УНФПА и со делегацијата на Европската Унија. Во рамките на посетата беа опфатени и културни настани и инклузивни спортски активности.

Свен Албрехт изјави: „Северна Македонија покажа силно лидерство во унапредувањето на инклузивното образование и на спортот, а оваа посета има цел продлабочување на таа посветеност на сите нивоа на општеството. Кога работат владите, едукаторите, меѓународните партнери и атлетите заедно, инклузијата преминува од визија во реалност. Unified училиштата се една од најмоќните алатки што ги имаме за да се погрижиме дека секој млад човек учи, игра и расте во заедништво“.

Делегацијата на Специјалната олимпијада Европа-Евроазија, исто така, одржа работни состаноци со Министерството за образование и наука за имплементација на Unified училиштата во рамките на националниот образовен систем, и со Министерството за социјална политика, демографија и млади за усогласување на напорите со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Дискусиите со Делегацијата на ЕУ беа фокусирани на усогласување на националните инклузивни рамки со европските стандарди.

Моника Бошкоска, претседател на Специјалната олимпијада Северна Македонија, истакна: „Инклузијата мора да се препознае и третира како стратешки приоритет, на исто ниво како што го прават тоа европските земји. Таа не треба да остане само декларативна заложба, туку да се претвори во реални и конкретни политики и системски решенија со континуирана поддршка од институциите. Имаме знаење, партнерства и реални примери дека функционира инклузивниот пристап. Потребни се храброст и координирана акција за да обезбедиме еднакви можности за сите“.

Христијан Мицкоски, претседателот на Владата, ја истакна посветеноста на земјата за зајакнување на инклузивните политики: „Инклузијата не е само општествена одговорност туку и национален приоритет. Преку нашата соработка со Специјалната олимпијада и меѓународните партнери, работиме на тоа да обезбедиме секое дете и млад човек, без оглед на способностите, да има еднаков пристап до спортот и до образованието“.

Средбите со Министерството за спорт, Олимпискиот комитет на Северна Македонија и „Лајонс Македонија“ дополнително се фокусираа на зајакнувањето на партнерствата и на дефинирањето на следните чекори за проширување на иницијативите за унифициран спорт и лидерство на атлетите.

Посетата ја нагласи долгорочната посветеност на Специјалната олимпијада за градење инклузивни општества преку спортот, образованието и институционалната соработка и ја зајакнува улогата на Северна Македонија како клучен партнер во глобалното движење за инклузија.

Формирана пред повеќе од 20 години, таа е дел од Специјалната олимпијада, светски раширено движење активно во повеќе од 150 држави од целиот свет, со над 2,2 милиони активни учесници и со околу 750.000 волонтери. Како олимписки партнер на Меѓународниот олимписки комитет, Специјалната олимпијада годишно организира и реализира повеќе од 200 национални програми – натпреварувања што вклучуваат локални, национални, регионални и светски натпревари, турнири и игри. Специјалната олимпијада Северна Македонија функционира како непрофитабилна и невладина организација, која опфаќа еден многу важен општествено-социјален сегмент, со акцент на лицата со пречки во развојот. Специјалната олимпијада Северна Македонија има 10.000 активни членови, од кои 2.500 се атлети.

ИЗДВОЕНИ