Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денеска изјави дека неговите лични податоци се објавени на „дарк веб“ (dark web). Тој ги обвини проруските хакери дека стојат зад нападот, поврзувајќи го со поддршката што италијанската влада ѝ ја дава на Украина.
Тајани, кој ја извршува и функцијата заменик-премиер на Италија, на социјалната мрежа „X“ напиша дека неговата отворена поддршка за слободата и независноста на една суверена држава го претворила во цел на хакерите. Тој наведе дека овие поединци се обидуваат да дојдат до дополнителни информации за него и за неговото семејство – при што се подготвени дури и да платат за тоа.
Тој додаде дека нападите се поврзани и со напорите на италијанското Министерство за надворешни работи за зајакнување на сајбер-безбедноста.
Според извор близок до министерот, материјалот бил откриен од надлежните органи кои ги следат сајбер-заканите, и тоа во дел од „дарк веб“ што е достапен преку мрежата „Тор“ (Tor). Во тек е истрага.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони му изрази поддршка на Тајани, оценувајќи ја продажбата на доверливи податоци за владини претставници како прашање што предизвикува сериозна загриженост.
Во писмо упатено до францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, Тајани побара од земјите од Г7 на дневен ред за состанокот на министрите за надворешни работи, што ќе се одржи следната недела, да ги вклучат темите за хибридното војување и неодамнешните сајбер-напади врз критичната инфраструктура во Европа, како и да се договорат за координиран одговор. Русија засега нема дадено коментар за овој случај, а според агенцијата „Ројтерс“, Москва и претходно постојано негираше каква било вмешаност во сајбер-напади и хакерски операции во странство.












