Во рамките на фестивалот „Скрим“ во Скопје синоќа (7 ноември) се одржа концерт на светската музичка ѕвезда Емели Санде, заедно со македонската кантавторка Мијата и популарното дуо „Дупер“. Светскиот соул, современиот македонски поп и авторската музика се споија во арената „Борис Трајковски“ за уживање на скопската публика. Санде првпат настапи пред македонската публика
Фото: П.Стојановски
Студената ноемвриска вечер во Скопје доби поинаква топлина. Музиката, емоциите и добрата енергија ја исполнија арената „Борис Трајковски“, каде што на иста сцена се сретнаа три музички имиња со различен израз, но со заедничка способност да допрат до публиката – светската ѕвезда Емели Санде, македонската кантавторка Мијата и популарното дуо „Дупер“.
Вечерта донесе интересен музички спој, во кој домашната музичка сцена доби можност да се претстави рамо до рамо со едно од препознатливите имиња на современата светска соул и арендби музика.

Мијата, со својот автентичен музички израз и авторски песни, беше дел од домашниот музички печат на оваа вечер. Нејзината музика, која се потпира на личен израз и препознатлива интерпретација, потсети дека македонската музичка сцена има уметници кои знаат да изградат сопствен идентитет.

Свој значителен придонес вечерта даде „Дупер“, дуото познато по својот современ поп-звук, препознатливата енергија и песните што одамна најдоа пат до помладата публика.

Посебното внимание, сепак, беше насочено кон Емели Санде, позната по својот моќен вокал, и на која ова ѝ беше прв настап пред македонската публика. Шкотската пејачка, добитничка на престижните музички признанија „Брит авардс“, зад себе има светска кариера и хитови што одамна ги надминаа границите на Велика Британија.
„Next to Me“, „Read All About It“, „Beneath Your Beautiful“ и „My Kind of Love“ се меѓу песните по кои таа е препознатлива и кои ја направија една од најценетите вокалистки на својата генерација. Нејзиниот музички свет, исполнет со соул, арендби и госпел влијанија, донесе поинаква димензија на концертната вечер.

Ваквите средби на домашната и на светската музичка сцена се особено важни за Скопје, кое ретко има можност на една сцена да понуди толку различни музички изрази.

Од интимноста на авторската песна, преку современиот поп, до моќниот соул-вокал, концертната вечер покажа дека музиката не познава граници, ниту жанровски ограничувања.
А кога надвор ноемврискиот студ веќе ја најавува зимата, музиката е можеби најубавиот начин да се стоплат срцата.















