недела, ноември 8, 2026
Дома СВЕТ Силни експлозии во Ријад: Саудиската цивилна одбрана издаде итно предупредување до граѓаните...

Силни експлозии во Ријад: Саудиската цивилна одбрана издаде итно предупредување до граѓаните за опасност, погодена кула во финансискиот кварт/видео

887
Фото:википедија

Неколку силни експлозии се слушнаа во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, веднаш откако Цивилната одбрана издаде предупредување за можна опасност, изјави денеска еден сведок за агенцијата „Ројтерс“.

Саудиската цивилна одбрана претходно издаде предупредување за Ријад, наведувајќи „можна опасност“.

Во предупредувањето се бара од жителите да се упатат кон најблиската безбедна локација, пренесува „Ал Џезира“.

Деловна кула во сопственост на саудискиот нафтен гигант „Арамко“, лоцирана во Финансискиот кварт „Крал Абдула“ во Ријад, била оштетена од проектил, потврдија повеќе сведоци за агенцијата АФП. Прозорците на зградата се искршени, а оштетувања се видливи на неколку ката и на еден дел од фасадата.

Инцидентот се случи откако коалицијата предводена од Саудиска Арабија објави дека пресретнала два балистички проектила, истрелани кон Ријад од јеменските бунтовници Хути. Исто така, уништени се и две крстосувачки ракети насочени кон главниот град и кон јужниот дел на земјата.

Сè уште не е јасно дали кулата е оштетена од директен погодок или од остатоци што паднале по пресретнувањето на некој проектил. Еден од сведоците изјави дека зградата на „Арамко“ дефинитивно била цел на нападот.

Ријад во повеќе наврати бил цел на напади од страна на милитантната група Хути од Јемен, која е поддржана од Иран.

Засилените ракетни напади и напади со беспилотни летала од страна на јеменските Хути врз Саудиска Арабија започнаа на 6 октомври, како одмазда за саудиските воздушни напади и блокадата на аеродромот во Сана, со што практично заврши примирјето од 2022 година.

Главни цели на нападите на Хутите се меѓународните аеродроми и делови од нафтената инфраструктура, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ