Партиските табори што стојат зад двајцата кандидати – Стојанчо Радичевски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахији од коалицијата на чело со ДУИ – не откриваат на чии дополнителни гласови сметаат во вториот изборен круг за избор на градоначалник на Брвеница. Според процените, за конечна победа ќе бидат потребни околу 4.000 гласа во ситуација кога Радически, во првиот круг, освои 2.943 гласа, а Јахуји 2.152. За да дојде некој од нив двајца до целта, решавачка улога, по сè изгледа, ќе одигра определбата на граѓаните што, во првиот круг, гласале за кандидатот на Вреди – Јакуп Хусеини кој освои 1.528 гласа, за Јовица Радевски – 706, како и за независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласа и Арифе Идризи со 21 глас. Тука, извесно, важна улога ќе одиграат и пораките што ќе ги испратат до своите гласачи од Вреди, која е дел од владината коалиција, и од опозицискиот СДСМ.
Во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска ни одговорија дека сè уште немале никакви контакти со коалицискиот партнер Вреди, а дали ќе имаат, ќе се види во наредните денови. Лидерот и премиер, Христијан Мицкоски, вчера во Скопје изјави дека тие ја бараат поддршката на граѓаните.
– Нашиот кандидат убедливо победи во првиот круг во Брвеница, каде што, за жал, нашиот предвреме починат Јовица Радевски беше најуспешен градоначалник, кој никогаш не ги делеше жителите по националност – дали некој е од македонска, албанска или од некоја друга националност. Тој работеше за сите, и за Брвеница, и за Челопек, и за Гргурница… Во вториот круг имаме предност од 800 гласа во однос на кандидатот на коалицијата НАИ. За жал, сè уште имаме политичари што живеат во минатиот век во Македонија и што сè уште ја бараат поддршката на граѓаните во време на вештачката интелигенција. Ние, како ВМРО-ДПМНЕ, ја бараме поддршката на жителите на Општина Брвеница и јас сум сигурен во победата во вториот круг – изјави Мицкоски.
Најголема дилема е каде ќе отидат гласовите на симпатизерите на Вреди, чиј кандидат уште истата вечер му честитал на противкандидатот од редовите на ДУИ. Партискиот портпарол, Дритон Сулејмани, ни изјави дека партиското раководство ќе реши за тоа.
– Тоа сè уште не се состанало и немаме најава кога би можело да се решава. Тогаш ќе се види и дали ќе има средби со ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, гестот со честитка на нашиот кандидат беше израз на демократска култура – рече Сулејмани.
Владиниот вицепремиер, Александар Николоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во синоќешното интервју нагласи дека владината коалиција очекува стабилна поддршка од коалициските партнери, но и од други политички субјекти, со цел да се обезбеди непречено раководење со Општината до редовните локални избори.
И од ДУИ ни изјавија дека сè уште не решиле со кого ќе остварат контакти за евентуална соработка за поддршка на нивниот кандидат.
– За тоа допрва ќе решава партиското раководство – изјави портпаролката Рина Ајдари.
Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Јовица Радески, кој отпадна во првиот круг, во денешното обраќање не откри како ќе се однесува оваа партија во вториот круг од гласањето. Тој рече дека резултатот од изборите покажува дека ѝ се намалува поддршката на власта, а се зголемува поддршката на опозицијата и дека тоа е тренд.
– Јас, ние од СДСМ продолжуваме да се бориме! Брвеница ми е во срцето и јас ќе продолжам, заедно со вас, да се борам за нашата општина, за секое населено место, за секој човек – порача Радески.
Инаку, на ланските локални избори, во вториот круг, кога се гласаше за градоначалник на Кичево меѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на Вреди, оваа партија застана на ставот нејзините симпатизери сами да решат за кого ќе го дадат својот глас. (Б. Ѓ.)












