Додека синдикалната минимална кошница на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) покажува дека на едно четиричлено семејство во октомври му се потребни најмалку 70.358 денари за основните месечни трошоци, од Министерството за економија и труд посочуваат дека растот на платите во последниот период е двојно повисок од инфлацијата. Според синдикалната пресметка, кошницата за еден месец е зголемена за 926 денари, а доколку семејството живее под кирија, трошоците достигнуваат 85.733 денари.
Најголем дел од семејниот буџет оди за храна и за пијалаци, за кои се потребни 26.170 денари месечно. Во меѓувреме, Министерството за економија и труд објави и сопствена пресметка на потрошувачката кошничка, според која на едно четиричлено семејство во август му биле потребни 58.475 денари. За тој месец, синдикалната кошничка изнесуваше 68.675 денари, односно разликата меѓу двете пресметки беше 10.200 денари. Од Министерството објаснија дека разликата произлегува од различната методологија, како и од производите и од услугите што се опфатени, при што во нивната кошничка не се вклучени трошоците за кирија или за станбен кредит.
Заменик-министерот за економија, Маријан Ристески, оценува дека, и покрај притисоците врз цените на храната и на енергенсите, е подобрен односот меѓу инфлацијата и растот на платите во споредба со претходните периоди.
– Во минатото имавме ситуации во кои инфлацијата беше повисока од растот на платите, додека во последниот период инфлацијата изнесуваше околу 4,5 проценти, а растот на платите беше над 7 проценти. Тоа укажува на подобрување на односот меѓу растот на платите и цените, што е важно за зачувување на куповната моќ на граѓаните – изјави Ристески.
Тој посочи дека воените конфликти на Блискиот Исток и во Украина создаваат проблеми во снабдувањето со енергенси и со суровини за производство на храна, што се одразува врз цените што ги плаќаат крајните потрошувачи. Сепак, според него, мерките што ги презема Владата дале одредени резултати, а Македонија, според објавените податоци, имала релативно ниска инфлација во споредба со дел од европските и регионалните земји.
Во однос на минималната плата, Ристески нагласи дека таа се усогласува според постојната законска формула, а Владата ги следи и просечната и медијалната плата, со цел да се подобрат животниот стандард и куповната моќ на граѓаните.
Прашањето за минималната плата останува тема за разговор меѓу Владата, работодавците и синдикатите во рамките на Економско-социјалниот совет. Ристески посочи дека е важно сите релевантни страни да учествуваат во дијалогот, додека на една од седниците како главна тема била најавена предложената потрошувачка кошничка.
Според него, подобрувањето на животниот стандард зависи од повеќе фактори, меѓу кои растот на платите, продуктивноста, бруто домашниот производ и економските активности.
(А. С.)












