вторник, октомври 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Инјекција во здравството – 100 нови возила за побрза Брза помош

Инјекција во здравството – 100 нови возила за побрза Брза помош

ОБНОВА НА ВОЗНИОТ ПАРК, УШТЕ 50 ВО НАЈАВА ЗА СЛЕДНАТА ГОДИНА

26

Црвени ротациони светла, редица нови сто амбулантни возила и внатрешна опрема, каде што секој дел има свое место во подготовката за итна интервенција, ваква беше сликата пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје,  каде што беа промовирани новите амбулантни возила за потребите на Брзата помош. Носилка со сигурносни ремени, медицинско седиште, контролен екран и опрема поставена на страничните панели – изгледа внатрешноста на возилата што треба да бидат во функција на брз одговор при итни случаи.

Стоте амбулантни возила продефилираа низ Скопје пред официјалната промоција. Набавката претставува значајна обнова на возниот парк на Итната медицинска помош, служба од која често зависат првичната интервенција, стабилизирањето на пациентот и неговиот безбеден транспорт до болница.

фото П.Стојановски

Новите возила се опремени со ЕКГ-апарати, дефибрилатори и опрема за респираторна поддршка, а пред да почнат да се користат, медицинските тимови ќе поминат обука. Очекувањето е современата опрема да овозможи подобри услови за работа на терен и поефикасно постапување во итните ситуации.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека посакува возилата да се користат што помалку. „Но, онаму каде што е потребно, убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно, имајќи ја предвид опремата што ја поседуваат овие нови возила, 100 на број“, изјави Мицкоски.

ОКОЛУ 200 ВОЗИЛА ЗА ИТНАТА ПОМОШ НИЗ ДРЖАВАТА

Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека во моментов се активни 140 амбулантни возила, а со новата набавка, вкупниот број со кој ќе располага Итната медицинска помош низ државата треба да достигне околу 200. Од новите 100 возила, 60 ќе го зголемат капацитетот на службата, додека останатите ќе ги заменат дотраените возила. Распределбата ќе се врши според утврдени критериуми, меѓу кои се бројот и структурата на населението, територијата што ја покрива здравствената установа, годишниот број интервенции и транспорти, како и состојбата на постојните возила.

Клековски најави дека се разговара и за набавка на дополнителни 50 амбулантни возила во 2027 година, со што би требало да се стабилизира возниот парк на службите во наредните години. „Со оваа инвестиција, здравствениот систем добива можност да го зголеми капацитетот за итни интервенции и да ги замени возилата што веќе не ги исполнуваат потребите на службата. Но, за да се почувствува подобрувањето и кај пациентите, потребно е возилата да бидат соодветно распределени и ставени во функција, а организацијата на Итната помош да одговори на реалните потреби на терен“, вели Клековски

НОВА ОРГАНИЗАЦИЈА И НАЦИОНАЛЕН ДИСПЕЧЕРСКИ ЦЕНТАР

Покрај обновувањето на возниот парк, Министерството за здравство најавува и реформи во организацијата на Итната медицинска помош. Првиот чекор е направен со издвојувањето на скопската служба од Здравствениот дом – Скопје, а намерата е овој модел постепено да се прошири и на национално ниво. Во подготовка се национални стандарди за тријажа, кои треба да обезбедат унифицирано постапување при итните случаи. Во следната фаза се планира воведување национален диспечерски центар за координација на тимовите. Целта е пациентот да ја добие потребната помош од најблискиот достапен тим, без оглед на општинските граници.

Една од предвидените промени е и постепеното воведување парамедици во тимовите на Итната медицинска помош. Според Клековски, ваквиот модел би овозможил лекарите повеќе да се насочат кон работата во ургентните центри, додека службата на терен би се фокусирала на брза интервенција и безбеден транспорт. Министерот посочи дека се направени анализи за потребите од лекари, медицински сестри и возачи, вклучувајќи ги и проекциите за пензионирање до 2030 година. Врз основа на утврдените потреби, Министерството треба да разговара со здравствените установи и Министерството за финансии за обезбедување согласности за нови вработувања.

ВОЗИЛАТА СЕ ОД ГОЛЕМА ПОМОШ, НО ПОТРЕБНИ СЕ И МЕДИЦИНСКИ ТИМОВИ

Колку од новите возила ќе добие Скопје, сè уште не е познато. Раководителката на скопската Служба за итна медицинска помош, д-р Анита Димовска, вели дека најпрво треба да заврши регистрацијата, а потоа возилата да се распределат по итните медицински центри. Таа ја поздравува обновата на возниот парк, но укажува дека за целосно функционирање на службата е неопходно да се обезбеди и кадар.

– Сè уште не знаеме колку ќе ни припаднат од новите амбулантни возила. Најпрво треба да се регистрираат, па да се распределат по итните медицински центри. Сепак, ако е решен проблемот со возилата, останува недостигот од кадар. Треба тимови во возилата. Се надевам дека и овој проблем ќе се реши следната година, кога треба да се распише конкурс за здравствени работници – вели Димовска за весникот ВЕЧЕР.

И според наодите од ревизорските извештаи на ДЗР за работењето на Здравствениот дом – Скопје, Службата за итна медицинска помош се соочува со сериозен недостиг на медицински кадар. Ревизорите констатираа дека бројот на оперативни медицински тимови на терен е значително помал од реалните потреби на главниот град, што дополнително предизвикува висок обем на прекувремена работа кај постојните лекари и сестри и го зголемува притисокот врз здравствениот систем.

Според Клековски, националната анализа покажува дека, во моментов, најголем недостиг има на возачи, а Министерството ќе треба да ги усогласи кадровските потреби со можностите за вработување. Досега, возниот парк на здравствените установи најмногу се обновуваше преку донации.

ВО ПЛАН И НОВИ БОЛНИЦИ И КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

Промоцијата на амбулантните возила беше повод премиерот да ги најави и следните инвестиции во здравството. Според Мицкоски, во завршна фаза се разговорите со Светската банка и Европската инвестициска банка за финансирање на клиничката болница во Штип, здравствениот дом со проширена дејност во Кичево и клиничката болница во Тетово. Формално одобрување за финансирање на проектите се очекува кон крајот на првиот квартал од 2027 година. Доколку постапките се одвиваат според планот, првите градежни активности би можеле да почнат кон крајот на вториот или почетокот на третиот квартал од следната година. За новиот Клинички центар во Скопје, Мицкоски рече дека се разгледуваат две локации и дека очекува преговорите за изборот да завршат до крајот на годинава. Во планирањето се разгледува и поврзувањето со постојната болница „8 Септември“, Пет-центарот и поликлиниката „Букурешт“, како и обезбедувањето дополнителни паркинг-места во соработка со Општина Карпош. Премиерот нагласи дека при планирањето се води сметка за технологијата што ќе биде применлива во периодот од 2035 до 2040 година, со цел новиот центар да одговори на идните потреби на здравството.

„Има уште многу проблеми за решавање, не е сè решено со овие 100 возила. Но, она што е значајно е дека приоритет по приоритет, проблем по проблем, се решаваат“, рече Мицкоски. (П. А.)

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ