Се истражува дали влијаел некој врз сведокот, кој го смени исказот на судењето за злоупотребите во Лотарија, во кое се обвинети поранешниот вицепремиер, Артан Груби, и уште седум други лица. Станува збор за првиот сведок предложен од Обвинителството, кој се „сврте“ и сведочеше во корист на одбраната, а не на Обвинителството. Двајцата млади обвинители, Даниел Коцев и Александар Давчевски, кои го водат случајот против поранешниот висок државен функционер, Груби, сметаат дека не ја губат контролата врз предметот, бидејќи, како што посочуваат, тој се темели на материјални докази. Освен што испитува дали имало влијание врз сведокот, Обвинителството сè уште води против него и предистражна постапка.
– Од нему познати причини, реши да го промени исказот што претходно го дал пред Обвинителството. Немаме сознанија дека било влијаено врз него на каков било начин. Тој дел го истражуваме и во моментов преземаме одредени дејства во таа насока. Не можам да откријам ништо повеќе. Против него сè уште се води предистражна постапка, бидејќи е опфатен со пријавата на МВР и во таа постапка имаше својство на осомничен. Пријавата се однесува на повеќе постапки, меѓу кои и онаа за набавката на ВЛТ-апаратите – изјави Коцев.
Судењето се одложи бидејќи не дојде повиканиот сведок на Обвинителството. На минатото рочиште сведочеше раководителот на сектор во Лотарија кој бил дел од Комисијата за набавка на ВЛТ-апаратите, и потврди дека сè уште се тие во магацините на претпријатието и не се користат. Во овој предмет, првообвинетиот ексдиректор, Препарим Бајрами, поранешниот вицепремеир, Артан Груби, и други вработени во Лотарија се товарат за злоупотреба на службената положба поради нанесена штета од околу 9,7 милиони евра преку набавка на покер-апаратите. (П.А.)












