Три нови случаи на западнонилска треска се регистрирани во земјава, од кои двајца пациенти се лекуваат на Клиниката за инфективни болести, а еден е хоспитализиран на Клиниката за неврологија. Со тоа, бројот на регистрирани случаи годинава достигна осум. Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше на прес-конференција дека се спроведуваат епидемиолошки анкети за новите случаи за да се утврди каде дошло до заразувањето.
– Станува збор за вектор-пренослива болест. Комисијата за заразни болести заседава. Имаме случаи кај лица кои не патувале надвор од државата и живеат во Скопско Поле. Центарот за јавно здравје спроведува дезинсекција во радиус од 200 метри околу домовите на потврдените случаи. Доколку е потребно ќе се врши и прскање од земја, а Институтот за јавно здравје ги мапира сите случаи – изјави Клековски.
На Клиниката за инфективни болести, во моментов, се хоспитализирани седум лица со потврдена западнонилска треска. Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информира дека еден пациент, 76-годишен скопјанец, и натаму е во тешка здравствена состојба.

– Пациентот е сместен на Одделот за интензивна нега, веќе една недела е на Клиниката и е на респираторна поддршка. Тој не патувал надвор од државата – изјави Цана. Останатите шест пациенти, сите постари од 60 години, се во стабилна здравствена состојба, а само еден од нив претходно патувал во Грција.
Според Цана, кај сите хоспитализирани е дијагностицирано вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Најчести симптоми се висока температура, силна главоболка, дезориентираност и нарушена свест.
Даниловски: Осумте тешки случаи се само „врвот на сантата мраз“
Епидемиологот д-р Драган Даниловски предупредува дека податокот дека сите досега регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста не треба погрешно да се толкува како доказ дека вирусот станал поопасен. Објаснува дека кај околу 80 проценти од заразените инфекцијата поминува без никакви симптоми, кај околу 20 проценти предизвикува лесна болест со температура и малаксаност, а помалку од еден процент развиваат тешка невроинвазивна форма, најчесто постари лица и пациенти со хронични заболувања.
– Осумте регистрирани тешки случаи се само видливиот врв на епидемиолошката „санта мраз“. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции и лесни случаи кои никогаш не се дијагностицирани како западнонилска треска. Затоа не може да се заклучи дека вирусот предизвикува тешка болест кај сите заразени или дека станал поагресивен – наведува Даниловски.
Тој посочува дека е особено важно што најголемиот дел од случаите се автохтони, што значи дека вирусот локално циркулира меѓу птиците и комарците и постои изложеност на населението. Според него, во оваа фаза приоритет треба да бидат засилен епидемиолошки и ентомолошки надзор, следење на активноста на вирусот, систематска контрола на комарците и лична заштита од убоди.
Даниловски потсетува дека во Македонија западнонилската треска се јавува сезонски, најчесто од јули до октомври, со најголем број случаи во август и септември. Иако климатските промени можат да го продолжат периодот на активност на комарците, бројот на заболени не зависи само од температурите туку и од бројноста на комарците, присуството на инфицирани птици, изложеноста на населението и навременото спроведување на мерките за контрола. Тој препорачува граѓаните да користат средства, да носат облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено, да поставуваат заштитни мрежи на прозорците и да ги отстрануваат местата каде што се задржува вода околу домовите, бидејќи тие претставуваат легла за размножување на комарците.
Најголема претпазливост, според Даниловски, треба да покажат лицата постари од 60 години, пациентите со хронични заболувања, имуносупримираните лица и сите кои подолго престојуваат на отворено во вечерните часови.
ИЈЗ препорачува државата да изработи Национална програма за зоонози и вектор-преносливи заболувања и посебен Акционен план за постапување при појава на вакви инфекции. Со овие документи би се утврдиле конкретни протоколи за превенција, следење и реакција при појава на увезени, но и локално стекнати случаи, како и координацијата меѓу здравствените, ветеринарните и локалните институции. (П. А.)












