Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, учествуваше на Втората министерска средба за вода на Унијата за Медитеранот (UfM) во Рим, каде што ја нагласи потребата од посилна регионална соработка за справување со климатските предизвици. На средбата, која ги собра земјите од Евро-медитеранскиот Регион, Хоџа посочи дека сушите, поплавите и загадувањето на водите бараат координирана акција, особено во прекуграничните речни басени. Според него, заедничките водни ресурси носат и заедничка одговорност.
Во своето обраќање, министерот ја истакна важноста од интегриран пристап кон управувањето со водите, кој ги поврзува водниот сектор со енергетиката, земјоделството и заштитата на животната средина. Тој посочи и на значењето на дигитализацијата како дел од современото управување со природните ресурси.
Хоџа нагласи дека процесот на европска интеграција подразбира усогласување на националните политики со европските стандарди, со посебен фокус на подобрување на третманот на отпадните води и зајакнување на климатската отпорност. За реализација на овие цели, како што посочи, потребни се значајни инвестиции, одржливи финансиски механизми и мобилизација на домашни и меѓународни ресурси.
На средбата Хоџа ја изрази поддршката за Министерската декларација за вода и Римската иницијатива, нагласувајќи ја подготвеноста за партнерство со земјите од регионот и претворање на заедничките обврски во конкретни проекти.












