Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) достигна 100 проценти активна транспарентност, покажува индексот на активна транспарентност за 2026 година на Центарот за граѓански комуникации. Според извештајот, МЕРМС е единственото министерство во земјава со максимален резултат во ова мерење. Индексот ја оценува исполнетоста на обврските на институциите за проактивно објавување информации од јавен карактер на своите интернет-страници.
Особено значајно е што Министерството е формирано во 2024 година, а за само две години го достигна највисокото ниво на оценета транспарентност. Во однос на 2025 година, резултатот е подобрен за 34,8 процентни поени, што претставува најголемо подобрување меѓу министерствата опфатени со истражувањето.
Оценувањето опфаќа повеќе области, меѓу кои пристапот до информации од јавен карактер, надлежностите и услугите на институцијата, отчетноста, интегритетот, како и буџетската и финансиската транспарентност. Се оценуваат и навременоста и целосноста на одговорите на барањата за слободен пристап до информации.
Од МЕРМС посочуваат дека го гледаат резултатот како потврда, но и како обврска за одржување на високото ниво на отвореност. Целта, како што наведуваат, е граѓаните, медиумите и заинтересираната јавност навремено да имаат пристап до информации за работата, одлуките и политиките на институцијата.












