Во тек е реконструкцијата на ракометното игралиште во центарот на Пробиштип, со цел подобрување на условите за спорт и рекреација.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, информираше дека проектот предвидува поставување нова спортска подлога на теренот, поставување седишта на трибините, како и подобрување на осветлувањето, со што просторот ќе добие современ и функционален изглед. Воедно, нагласи дека во рамките на проектот, предвидена е и набавка на резервен котел за потребите на СОУ „Наум Наумовски-Борче“, со цел обезбедување сигурно и непречено функционирање на системот за греење во училиштето.
Проектот се реализира преку Центарот за развој на Источниот Плански Регион, со вкупна вредност од околу 4.679.000 денари. Најголем дел од средствата се обезбедени преку Бирото за регионален развој, додека остатокот е финансиран од сопствениот буџет на Општина Пробиштип.












