Не се укинува вториот пензиски столб, ниту придонесот од шест отсто што се уплаќа во него, туку законската одредба со која се регулира ова прашање се префрла во друг закон. Ова го тврди министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, откако опозицијата обвини дека со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување власта ја брише одредбата со која се гарантира уплатата на дел од пензиските придонеси во вториот столб.

Повод за реакцијата на опозицијата е членот 17 од предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој е објавен на ЕНЕР. Со него се предлага бришење на членот 120 од постојниот закон, во кој е утврдена стапката на придонесот за вториот пензиски столб. Од СДСМ сметаат дека ваквата измена отвора прашања за иднината на вториот пензиски столб и за начинот на кој ќе се обезбедуваат средствата за индивидуалните пензиски сметки.

Министерот Велковски ги отфрла ваквите толкувања и уверува дека станува збор за законско и техничко усогласување, а не за промена на постојниот пензиски модел. Според него, одредбата што досега се наоѓала во Законот за пензиско и инвалидско осигурување ќе биде префрлена во Законот за задолжителни социјални придонеси, каде што системски ќе се уредуваат прашањата поврзани со задолжителните придонеси.

– Не се укинува вториот пензиски столб. Со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, не се укинува ниту вториот пензиски столб ниту придонесот што се уплаќа во него. Станува збор за законско и техничко усогласување на регулативата – наведува Велковски.

Оваа измена е дел од пошироката реформа на системот за задолжително социјално осигурување, со која се планира поинакво организирање на уплатата и распределбата на придонесите. Според најавениот модел, придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и осигурување во случај на невработеност ќе се уплаќаат преку Управата за задолжително социјално осигурување, додека нивната распределба ќе ја врши Управата за јавни приходи. Со ова се предвидува обединување на постапките за наплата на задолжителните социјални придонеси и нивно системско уредување во посебна законска рамка.

ИЗДВОЕНИ